Мендух Тачи ги мери силите на Зијадин Села на теренот во Струшко

Menduh Thaçi, filloi të vizitoi më shpesh Strugën dhe rrethinën e saj pasi që prefekti Zijadin Sela vendosi të mos i bindet.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, викендов престојува во Струга и во Струшко. За вечерва е закажана средба со младите жители од струшкото село Лабуништа, според бројот на жителите, најгусто населената населба во општината по градот Струга.

Средбата ќе се одржи во 17 часот, во центарот на Лабуништа, село од близу 15.000 жители, а на неа се очекува, заедно со Тачи, да присуствуваат и високи преставници и членови на партијата.

Мендух Тачи, зачестено присуствува во Струга и во Струшко откако градоначалникот Зијадин Села, му ја откажа послушноста. Со Села се и некои поранешни пратеници од ДПА.

Кавгата помеѓу Села и Тачи настана за време на последните парламентарни избори, кога струшката партиска организација на ДПА се спротивстави на предлогот на Тачи за носителот на листата во петтата изборна единица.

На Села му се спротивставуваат и некои од позвучните имиња во општината, пред сè, од бизнисот, поради иницијативата да ги руши плажите на брегот на Охридско Езеро и на нивно место да гради нови – монденски плажи.

Дилавер Бојку Леку, кој е еден од концесионерите на струшките плажи, рагираше на оваа одлука и рече дека Села нема визија што сака со Струга.

– Ниту има чувство за градежништво, ниту за бизнис, туку за уривање – вели Леку, бизнисменот од Велешта.

Дилавер Бојку Леку изградил комплекс објекти на плажата „Аква скај“ (два ресторана, супермаркет, осум бунгалови, рент-а-кар, платформа во езерото и тобогани) за што, тврди, вложил 400. ооо евра. Според неговите процени, во сите плажи е вложено меѓу четири и пет милиони евра, во кои работаат 350 до 400 лица.