Меѓународна петиција за спас на Охридско Езеро

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, денеска, на денот на Охридско Езеро, заедно со Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“, Здружението за заштита на животните и животната средина „Еден“ и Здружението за унапредување на меѓусебна доверба „Такт“, објавија меѓународна петиција за зачувување на езерото и на националниот парк Галичица.

Истовремено, ги повикаа македонските граѓани да ја потпишат петицијата за зачувување на најстарото и најдлабокото езеро во Европа, природното богатство под патронат на УНЕСКО.

„Охридско Езеро опстанало милиони години и било сведок на многу нешта, од создавањето на човечката раса и првите цивилизации, преку подемот и падот на византиската империја, до независноста на Македонија, но најновите апсурдни планови на македонската влада може да донесат крај за овој редок бисер на природата и за блискиот национален парк“, се наведува во документот.

Охридско Езеро е најстарото езеро во Европа и едно од најстарите во целиот свет, со најголема просечна длабочина од 155 метри и е најдлабокото езеро во Европа и 14. во светот.

– Наместо да го прославиме Денот на Охридското Езеро со добри вести за грижата и за одговорноста на нашата држава кон овој редок бисер на природата во глобални рамки, принудени сме да ја повикаме меѓународната јавност на помош за спас на опстанокот на езерото и блискиот национален парк – изјави Александра Бујароска од Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“, кое од денес почнува меѓународна петиција против најновите планови на македонската влада за промени на планот за управување со националниот парк Галичица и на урбанистичките планови за Охрид и за брегот на Охридско Езеро.

„Несфатливо е како Владата на Република Македонија одлучи да продолжи со овие планови и покрај експлицитните предупредувања на експертите кои учествуваа во процената на влијанието врз животната средина. Истите многу јасно укажаа дека реализацијата на овие проекти ќе има неповратно негативно влијание врз биолошката разновидност, почвата и водите, дека нема да бидат возможни корективни мерки и дека статусот од УНЕСКО ќе биде загрозен“, се вели во денеска објавената петиција за спас на Охридско Езеро.