Маж во Мексико почина од птичји грип, регистриран првиот случај на Х5Н2 кај човек

59-годишниот маж, кој бил хоспитализиран во Мексико Сити, починал на 24 април откако развил треска, отежнато дишење, дијареја, гадење и општа непријатност. Во моментов не е јасно како лицето се заразило

Transmission electron micrograph of influenza A virus, late passage...CDC/Dr. Erskine Palmer, 1981

Светската здравствена организација (СЗО) информираше за смрт на маж од Мексико предизвикана од видот на птичји грип наречен H5N2 (Х5Н2), кој никогаш досега не бил пронајден кај човек.

59-годишниот маж, кој бил хоспитализиран во Мексико Сити, починал на 24 април откако развил треска, отежнато дишење, дијареја, гадење и општа непријатност.

СЗО вчера соопшти дека не е јасно како лицето се заразило, пренесува Гардијан.

„Иако изворот на изложеност на вирусот во овој случај во моментов е непознат, вирусите А (Х5Н2) се пријавени кај живината во Мексико“, се вели во соопштението.

Научниците се во состојба на готовност околу евентуални промени во вирусот што може да значат оти птичјиот грип се приспособува за полесно да се шири меѓу луѓето.

Сепак, СЗО вели дека сегашниот ризик од вирусот на птичји грип за општата популација во Мексико е низок.

Од мексиканското министерство за здравство соопштија дека досега немало докази оти птичјиот грип од починатото лице се пренел на друг човек, а починатиот маж имал неколку претходни здравствени состојби. Сите луѓе кои имале контакт со него биле негативни на тестот.

Во март во Мексико биле забележани три епидемии на живина со Х5Н2, но властите не биле во можност да најдат врска меѓу трите случаи.

Научниците велат дека случајот во Мексико не е поврзан со појавата на другиот вид на птичји грип – H5N1 (Х5Н1) – во САД, кој досега зарази тројца работници на млечни фарми.