Малата хидроцентрала „Рибничка“ сѐ уште има концесија, иако е во црвена зона на НП „Маврово“

Иако за други две мали хидроцентрали кои влегуваа во заштитениот дел, „Жировница“ 5 и 6 постапката за раскинување на концесиите е веќе започната, за „Рибничка“, досега ниту е отворена постапка за промена на локацијата, ниту пак за раскинување на концесијата

Од изградбата на мала хидроелектрана на Маркова река | Фото: Приватна архива

Министерството за животна средина нема поведено постапка за раскинување на договорот за концесија на малата хидроцентрала „Рибничка“ од Националниот парк „Маврово“. Иако за други две мали хидроцентрали кои влегуваа во заштитениот дел, „Жировница“ 5 и 6 постапката за раскинување на концесиите е веќе започната, за „Рибничка“, досега ниту е отворена постапка за промена на локацијата, ниту пак за раскинување на концесијата.

Според зонирањето, содржано во новата Студија за валоризација на Националниот парк „Маврово“, локацијата на „Рибничка“ е во црвената зона, односно зафаќа делови и од строго заштитената зона и од зоната за активно управување, каде што е забрането изградба на ваков тип на инфраструктурни објекти. Од управата на „Маврово“ велат дека место за нова мала хидроцентрала во паркот нема, ниту, пак се согласуваат со промена на локацијата на „Рибничка“.

Во изминатите седум години сме дале најмалку десетина мислења до Министерството за животна средина во кои сме искажале несогласување со изградбата на мали хидроцентрали во Националниот парк. Истиот став го имаме и за Рибничка, чија локација е во црвената зона, каде што не смее да се гради. Зонирањето кое беше неодамна направено во Студијата за валоризација е уште една потврда на нашиот став“, вели директорот на Националниот парк „Маврово, Самир Ајдини.

Во границите на паркот се веќе изградени две мали хидроцентали, „Галичка“ 33 и „Тресонечка“ 11, за кои менаџирањето ќе треба да биде уредено согласно со договорот за концесија и Планот за управување со НП „Маврово“, кој ќе треба да биде подготвен по донесување на Законот за репрогласување на Маврово за национален парк. По почнувањето на постапката за раскинување на концесиите за „Жировница“ 5 и 6, спорна остана „Рибничка“, за која Министерството за животна средина минатата година велеше дека ќе се бара решение да се изгради надвор од зоните на строга заштита и активно управување. Сепак, сега од таму информираат дека ниту се раскинува концесијата, ниту, пак се бара друга локација.

Малите хидроцентрали во Маврово повеќе од една деценија се случај што го разгледува и Бернската конвенција, по барање на граѓанската организација „Еко  свест“.

Конвенцијата неколку пати донесе препораки, а пред две години и одлука со барање за раскинување на концесиите во Маврово во која беа поименично посочени овие трите мали хидроцентрали „Жировница“ 5 и 6 и „Рибничка“.

Повеќе години добиваме јасни препораки од Бернската конвенција во врска со малите хидроцентрали во Маврово. Рибничка влегува во црвената зона на заштитеното подрачје, според Студијата за валоризација, каде што не смее да се гради. Дополнително, законот за природа, усогласен со европското законодавство, што чекаме да се донесе веќе неколку години, исто така забранува изградба на ваков тип на инфраструктура во заштитени подрачја. Сето тоа значи дека Министсерството за живиотна средина ќе мора да почна постапка за раскинување и на оваа копнцесија“, вели Ѓорѓи Митревски од „Еко Свест“.

Од оваа организација минатата година започнаа и со проект за мониторирање на состојбите со реките во парковите „Маврово“ и „Шар Планина“ на кои веќе постојат мали хидроцентрали. Во моментов се работи Методологија за еколошки проток, што треба да обезбеди минимум вода во реките и услови живиот свет да добие приоритет пред бизнис интересот на концесионерите.