Има правни можности да се раскинат концесиите за мали хидроцентрали во Маврово, треба само да се применат

Решавањето на прашањето на малите хидроцентрали е клучно пред завршувањето на процесот на репрогласување на националниот парк и потврдувањето на зоните на заштита

Национален парк Маврово; Фото: Мета.мк

Македонските закони даваат правни можности за раскинување на концесиите за мали хидроцентрали во националниот парк „Маврово“. Сите механизми и законските решенија со кои може да се окончаат овие договори се содржани во правната анализа која ја подготви Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко Свест“ во соработка со проф. Игор Камбовски.

Тие ќе бидат презентирани пред сите институции кои се надлежни за овие случаи и кои треба да донесат одлука за судбината на трите енергетски објекти, Жировница 5 и 6 и Рибничка. Барање за раскинување на концесиите во Маврово земјава минатата година доби и од Бернската конвенција, која донесе одлука во која беа поименично посочени овие три мали хидроцентрали.

„Ангажиравме експерти и правната анализа е готова. Сите решенија ќе бидат презентирани пред институциите кои веќе долго време тврдат дека концесиите не се раскинати оти не постојат правни механизми. Сега ги имаме, а прашањето останува како и кога ќе се применат во преговорите со инвеститорите. Сакаме да укажеме дека раскинувањто на концесиите е неопходно, а и дека има начин“, велат од Еко свест.

Решавањето на прашањето на малите хидроцентрали е клучно пред завршувањето на процесот на репрогласување на националниот парк и потврдувањето на зоните на заштита. Токму енергетските капацитети и интересите на инвеститорите, наспроти барањата за соодветна заштита на животната средина, беа каменот на сопнување пред десетина години кога започна, па се закочи, овој процес.

„Процесот е во тек, но во меѓувреме мора да има исход за раскинување на концесиите на МХЦ бидејќи тоа беа главните кочници кога се направи претходната Студија за валоризација и зонирање. Тие се наоѓаат во зона во која не се дозволени ваков тип на објекти. Не очекуваме големи промени во состојбите со биодиверзитетот за десетина години кои би ги поместиле границите на зоните и голема е можноста овие објекти повторно да бидат во зона во која не смеат“, посочуваат од Еко свест.

Репрогласувањето на Маврово како национален парк годинава одново се актуелизираше, откако Министерството за животна средина, заедно со уште два странски партнери одвои финансиски средства за обновување на Студијата за ревалоризација. Процесот треба да заврши до крајот на годината, до април идната година да биде готов и Планот за управување, а целиот процес се очекува да заврши за две години.

„Да не се доведеме во ситуација како претходниот пат, кога се изработи Студија, се платија над половина милион евра, а работата се закочи во зонирањето и Маврово остана незаштитено. Тоа овојпат не смееме да го дозволиме“, апелираат екологистите.

Од Министерството за животна средина информираат дека постапка за раскинување на договорот за концесија за малите хидроцентрали Жировница 5 и 6 е започната, но не и за Рибничка, за која ќе се бара решение да се изгради надвор од зоните на строга заштита и активно управување.

„За Жировница 5 и 6 постапката е започната, но има застој во формирање на Комисијата која ќе ја разгледува документацијата на концесионерот доставена во прилог кон барањето за надомест на трошоците за реализација на договорот. За Рибничка не е започната постапка за раскинување на договорот бидејќи се разгледува барањето за измена на техничкото решение со кое зафатите за оваа централа ќе се поместат во зона надвор од зоните на строга заштита и активно управување. Барањето е доставено до управата на националниот парк и се чека мислење“, велат од Министерството.

Посочуваат дека до нив сè уште пристигнуваат нови барања за концесии, а во моментов постапуваат по неколку. Се работи за локации на реката Треска кај Македонски Брод, на Рабетинска во Кичево, Зрновска во Општина Зрновце и на реката Пена, но од Министерството тврдат дека ниту една од овие мали хидроцентрали не е во заштитено подрачје.