Живиот свет во реките на кои има мали хидроцентрали е поважен од бизнис интересот на концесионерите

Од изградбата на мала хидроелектрана на Маркова река | Фото: Приватна архива

Да се укинат три планирани мали хидроцентрали во Националниот парк „Маврово“ – Жировница 5 и 6 и Рибничка 7, но и да се преземат мерки за зачувување на реките каде што веќе се изградени вакви енергетски објекти, апелираат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“.

Од организацијата неодамна упатија писмо до претседателот Стево Пендаровски и до премиерот Димитар Ковачевски за откажување на изградбата на хидроцентралите во Националниот парк „Маврово“ и ги потсетија дека за тоа прашање Одлука донесе и Комитетот на Бернската Конвенција во декември минатата година. Земјава, како потписник на конвенцијата има обврска да ги почитува препораките и одлуките што Постојниот Комитет ги носи уште од 2015 година, две години откако, по иницијатива на граѓанските организации, беше отворен случај за НП „Маврово“.

Од „Еко свест“ информираат дека покрај барањата да се стопираат планираните енергетски објекти, започнуваат со проект за мониторирање на состојбите со реките во парковите „Маврово“ и „Шар Планина“ на кои веќе постојат мали хидроцентрали. Во идниот период ќе се изработи Методологија за еколошки проток, што очекуваат да стане дел од новиот Закон за води. Еколошкиот проток треба да обезбеди минимум вода во реките, што сега ја нема и да обезбеди услови живиот свет во реките да добие приоритет пред бизнис интересот на концесионерите.

Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“ вели дека борбата за реките трае одамна и се движи со ситни чекори, особено кога од другата страна на јавниот интерес стои бизнисот. Вели дека во стариот Закон за води граѓанските организации се изборија да вметнат повеќе механизми за заштита на водата. Во врска со малите хидроцентрали, во тој закон е дефиниран биолошки минимум на проток на вода, односно хидроцентралата е должна да зафаќа 10 отсто од средногодишниот проток на реката. Но, оваа практика се покажа дека не функционира во летниот период, кога водотеците се речиси празни.

Податоците за издашноста на реките од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), врз основа на кои се пресметува средногодишниот проток, датираат од шеесетите години на минатиот век, а оттогаш состојбата со водите е многу сменета и издашноста е многу опадната. Затоа, посочува Митревски, тие инсистираат да се транспонира Директивата за води на ЕУ и да се дефинира еколошкиот проток. Тоа би значело да се определи минималното количество вода што во секое време од годината треба да го има во речното корито за да може да функционира речниот екосистем и екосистемите зависни од вода.

„Целта ни е да не дозволиме целата вода во реките да се искористи за да се хранат хидроцентралите. Проектот е во насока на поддршка на националните паркови, заради што и нивните вработените ќе бидат обучени за работа по оваа методологија. Ќе им биде дадена и опрема и со тоа што ќе биде утврдена референтна метода за мерење, врз основа на тоа ќе може некоја установа и да се сертифицира за овие мерења“, вели Митревски.

Екологистите во следниот период ќе спроведат и редовен мониторинг на состојбите со реките на кои веќе има хидроцентрали. Како пример е земена Мала река во НП „Маврово“ каде ќе се работи со локален партнер преку примерот на граѓанска наука, односно мештаните ќе бидат обучени како да ја следат состојбата со водотекот. Ова искуство понатаму ќе биде применето и во „Шар Планина“ на реката Бистрица, на која се изградени три хидроцентрали. Врз основа на податоците кои ќе се добијат, вели Митревски, ќе се направи и план за реставрација на реките, активност што досега никогаш не била спроведувана кај нас.

Од Министерството за животна средина велат дека земјава ќе ги почитува препораките на Бернската Конвенција во врска со малите хидроцентрали во Националниот парк „Маврово“. Од таму кусо одговорија дека се следат одлуките, но не информираа дали Министерството веќе започнало некаква процедура за раскинување на концесиите. Непознато останува и за колку и за кои мали хидроцентрали се однесува нивниот став дека ќе ги почитуваат одлуките на Конвенцијата, со оглед на тоа дека апелот на граѓанските организации се однесува на три, кои се планирани, а не се изградени.

Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во 2015 година усвои Препорака за „Маврово“ со која побара од Македонија да ги суспендира сите хидроенергетски проекти и инфраструктура сè додека не се подготви Стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, а во 2021 година препорача да се забранат сите хидроцентрали – големи, средни и мали во националните паркови.