Македонските текстилци кои имаат грчки партнери под стрес за наплата

Евро или драхма е прашањето што во екот на грчката криза ги засега македонските текстилни компании. Наплатата за завршените работи е клучното прашање на текстилците, кои во изминатите четири години од економската криза полека ги  намалуваа бизнис-релациите со грчките партнери. Претседателката на Текстилниот кластер, Маријана Перковска, вели дека најзасегнати се конфекциите во Прилеп и во Гевгелија, каде работат компании со грчки капитал.

– Курсот на еврото ни направи хаос. Изминатите четири години ги исфилтриравме грчките компании со кои соработуваме. Сега се сведоа на неколку – изјави Перковска.

Според неа, македонските текстилци немаат изразена соработка со Грците.

Од штипските текстилни компании велат дека ретката соработка со грчките конфекционери досега одела добро, со брза наплата од 15 дена. Главниот снабдувач со работа е мешовита грчко-македонска компанија од Богданци. Со неа, како што велат, нема никаков пробем со наплата, бидејќи работи со македонска банкарска сметка. Сепак, додаваат, актуелната соработка со малкуте грчки партнери е со претпазливост поради различните прогнози за тоа дали Грција ќе остане во еврозоната.

Штипските компании работат со партнери од земјите од Бенелукс и со главниот партнер Германија. Нарачки има, а единствениот проблем останува падот на курсот на еврото, бидејќи со тоа се обезвреднува и работната рака на македонските конфекционери.