Мајкрософт го издвои Универзитетот „Гоце Делчев“ како успешен пример за премин од физичко во онлајн учење

Фото: https://customers.microsoft.com/en-us/story/836725-goce-delcev-university-of-stip-higher-education-microsoft-365-en-macedonia

Со реализирани 100.000 часа аудио настава, 50.000 часа видео настава и 11.000 онлајн предавања, Универзитетот „Гоце Делчев“ е единствената високообразовна институција од земјава која Мајкрософт ја издвои како успешен пример за премин од физичко во учење на далечина во време на пандемијата со корона вирусот.

„Со 15 факултети и преку 9.000 студенти УГД е еден од најдобрите универзитети во Северна Македонија. Со учење на далечина овој Универзитет почна да експериментира во декември 2019 година. Во март 2020 година повеќе од 4.400 студенти и 360 предавања активно се одржуваа онлајн користејќи ја Мајкрософт 365 платформата. Со ова Универзитетот „Гоце Делчев“ е првиот универзитет во Северна Македонија кој без никаков проблем се префрли на учење на далечина задоволувајќи ги потребите на студентите во свет во кој побарувањата од дигитални алатки се сѐ поголеми“, се вели меѓу другото во текстот на официјалната страница на Мајкрософт.

Универзитетот промената во време на корона кризата ја направи многу бргу, веќе првата недела по затворањето на универзитетите за физичка настава УГД го спроведе првото онлајн предавање.

„Ни требаше решение и тоа многу бргу. Не смеевме да го запреме образовниот процес. Имавме огромна поддршка и од канцеларијата на Мајкрософт во Македонија и преку тоа делувавме многу бргу“, истакна Јордан Тиквешански, заменик раководител на Одделот за ИТ во УГД.

Проректорот проф. д-р Мишко Џидров истакнува дека во некои аспекти онлајн наставата го подобрила целиот образовен процес и комуникацијата.

„Одевме чекор по чекор. Развивме сопствени упатства да помогнеме во процесот на адаптирање. Потоа направивме видео туторијали како да се користи Teams и сите негови придобивки. За нас беше импресивно како сите многу бргу го прифатија и го користеа. Во некои случаи забележавме и подобрување на односот студент – професор. Студентите во некои случаи во онлајн предавањата беа поопуштени и учествуваа во свои мислења за разлика од физичката настава. За три месеци направивме 100.000 часа аудио настава, 50.000 часа видео настава и преку 11.000 сесии“, истакна проректорот Џидров.

Претходно, во разговор за Мета.мк, Џидров истакна дека прилагодувањето во претходниот семестар било повеќе кон новиот начин на работа, отколку кон работењето на онлајн платформите. Како што додаде тој, УГД веќе 13 години има функционални платформи за онлајн работење, и тоа: Е-индекс, Е-учење, Е-Библиотека, а претходниот семестар ја користеле и платформата Мајкрософт Тимс.