ЛП: Со можноста за помилување, Уставниот суд ги компромитира и следните избори

Отворањето постапка во Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за помилување во делот на помилување лица што сториле кривични дела поврзани со изборниот процес, за Либералната партија веќе значи навестување на уште поголеми слободи на насилниците во изборниот процес.

„Ваквата постапка значи можност за помилување на лица што го криминализирале изборниот процес и ја попречувале и искривувале волјата на гласачите. Но, во очекување на претстојни парламентарни избори, како дел од излезот на тековната криза, кога и да се одржат тие, со отворањето на постапката и веќе извесната одлука на Уставниот суд, органот задолжен за заштита на уставноста практично ќе ги охрабри сите насилници да вршат кривични дела и преиначување на искажаната волја на граѓаните во уште поголем обем“, велат од партијата.

Либералната партија предупредува дека тоа е вовед во дополнително разгорување на изборното насилство и нов елемент за продлабочување на кризата.