ЛП: Иванов создаде вонредна состојба и отвори пат за итна собраниска седница

Со одлуката на Ѓорге Иванов за прекинување на сите кривични постапки против политичаритe што се поврзани со политичката криза и со аферата за прислушање, тој директно го прекрши членот 9 од Уставот, се вели во соопштението на Либерална партија.

Според нив, „со својот акт Иванов ги стави политичарите во надредена „класна“ позиција во однос на сите „други“ граѓани на Македонија.“

– Со тоа, Иванов го прекрши Уставот и создаде вонредна состојба во земјата. Либералната партија оценува дека на овој начин создадени се сите услови за итна седница на Собранието, на која ќе се почне постапката за утврдување одговорност, во согласност со членот 87, став 2 од Уставот на Република Македонија – се додава во соопштението.