Фото: Исечок од рецензираниот Фејсбук пост

Брендот ИКЕА во случајов е злоупотребен со цел промоција на лажна фан страница на Фејсбук, преку техника со која се сака да се промовира оваа страница односно да се дојде до поголема видливост и повеќе допаѓања. Оваа техника се користи од страна на измамници на Фејсбук, така што страницата ќе добие голем број следбеници, администраторот потоа може да ја продаде, да го промени името на фан страната и да го користи за други, најчесто за маркетинг цели, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува лажна наградна игра на брендот ИКЕА. Во невистинитата наградна игра, споделена од фан страница со име Икеа Фанс, се вели:

Здраво на сите, тимот на ИКЕА во последно време прави нешто посебно. Изберете го вашиот месец на раѓање и ќе добиете подарок гарнитура за софа врз основа на избраниот месец на раѓање, направете го тоа веднаш! јануари, февруари, март, април, мај, јуни, јули, август, септември, октомври, ноември, декември. Не го сфаќајте лесно. Можеби ти е редот. Вашето време започнува сега. СО СРЕЌА!

Дека на овој лажен повик „наседнале“ голем број корисници на социјалната мрежа Фејсбук, покажуваат бројките – тој е споделен над 1.000 пати во моментот на пишувањето на оваа рецензија, има над 330 допаѓања и повеќе од 1.000 коментари, од кои најголемиот дел се испишани месеци од годината, согласно инструкциите и упатствата. Ова покажува дека огромен број од корисниците поверувале во веродостојноста на оваа наводна наградна игра.

Од коментарите се гледа и дека од лажната фан страница на ИКЕА, администраторот им доставува дополнителни инструкции на лицата што коментираат, односно им се кажува да го споделат постот, со што тој добива уште поголема виралност и достапност до уште поголем број корисници на Фејсбук.

Брендот ИКЕА во случајов е злоупотребен со цел промоција на лажна фан страница на Фејсбук, преку техника со која се сака да се промовира оваа страница односно да се дојде до поголема видливост и повеќе допаѓања. Оваа техника се користи од страна на измамници на Фејсбук, така што откако на страницата ќе се појават голем број на допаѓања, односно ќе стане страница со голем број следбеници, администраторот потоа може да ја продаде, да го промени името на фан страната и да го користи за други, најчесто за маркетинг цели.

Уште еден аргумент кој оди во прилог на тоа дека станува збор за лажна страница на која се злоупотребува брендот ИКЕА и неговото лого, е тоа што во делот за детали за страницата, нема ниту адреса, ниту контакт телефон, ниту, пак, има рецензии од страна на купувачите. Од оваа фан страна немало финансиски трансакции, односно купување и продавање на артикли од ИКЕА во минатото.

ИКЕА воопшто не е поврзана со оваа фан страница, а самиот пост кој е предмет на нашата рецензија претставува лажен пост во кој што е злоупотребен брендот. Не се наведени ниту начините на кои ќе бидат доставени наводните награди.

Страницата е нова, отворена е пред да биде објавен постот со лажната наградна игра и на неа нема други содржини, ниту пак информации за контакт.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.