Курц им порача на Хрватска и на Србија да ги тргнат емоциите на страна

Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, денеска ги повика Хрватска и Србија да ги остават на страна своите емоции и повторно да воспостават слободен протек на стока и на луѓе.

Тој истакнал дека затворањето на границите не придонесува за решавање на проблемот.

– Ги повикувам Хрватска и Србија да ги стават емоциите на страна и повторно да воспостават слободен протек на стока и на луѓе. Затворањето на границите не придонесува за решавање на проблемите. Дури, напротив, тие кај луѓето од Западен Балкан будат болни сеќавања на воените судири од 90-тите години – рече Курц.

Бегалската криза, според шефот на австриската дипломатија, ги става сите земји од регионот и од ЕУ пред големи предизвици.

Кризата, смета Курц, може да биде надмината само ако сите учесници останат со „ладна глава“, работат заедно на решение и ги почитуваат договорените обврски.