Крива Паланка избрана за „Град на културата“ за 2024 година

Вака одлучила комисијата по распишаниот конкурс за ова министерство, а покрај Крива Паланка, на конкурсот апликација доставила и Општина Велес

Крива Паланка / фото: Општина Крива Паланка на Фејсбук

Општина Крива Паланка е избрана да биде организатор на манифестацијата „Град на културата“ во 2024 година, соопшти денеска Министерството за култура.

Вака одлучила комисијата по распишаниот конкурс за ова министерство, а покрај Крива Паланка, на конкурсот апликација доставила и Општина Велес.

„По извршената процена на пријавите, а во согласност со приоритетите, критериумите и мерилата наведени во конкурсот, стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека Општина Крива Паланка има богата програма, која нуди издржан програмски концепт, со различни жанрови и естетика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници“, соопштија од Министерството за култура.

Од таму велат дека Крива Паланка ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи културна содржина во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во културата.

Во програмата се предвидени 55 проекти од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Крива Паланка и учество на многу млади домашни уметници и автори.

Манифестацијата ќе започне во март и ќе се одвива до крајот на годината.

Манифестацијата „Град на културата“ почна да се реализира во 2004 година со цел создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво. На конкурсот учествуваат општините во Република Северна Македонија, со исклучок на Град Скопје и општините во Град Скопје.

За Град на културата минатата година беше прогласен Крушево.