Јасна порака дека Грција ја поддржува стабилноста во Македонија, но нема да отстапи од своите барања во спорот за името под никакви меѓународни притисоци, испрати шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, во интервју за грчкиот весник „Риал њуз“.

Говорејќи за ситуацијата во Македонија и за информациите дека грчката дипломатија се подготвува за нови силни притисоци од меѓународната заедница за решавање на спорот за името, за да се забрза македонската евроинтеграција, вели дека никој не може да ја притисне Грција да отстапи од ставовите кои се најзин државен интерес.

„Не знам кој кого сака да притисне, сите знаат дека не потпаѓаме под притисоци и дека не отстапуваме од она што сметаме дека е правилно за интересите на нашиот народ и за европските вредности и принципи“, коментира Коѕиас.

Тој во интервјуто вели дека Грција е единствената држава што не се меша во внатрешните работи на Македонија, но дека е загрижена поради немањето култура на консензус и на компромиси. Посочува дека Грција ја помага стабилноста во регионот и се обидува да ја поддржи стабилноста и во Македонија и на целиот Балкан.

Коѕиас во интервјуто испраќа и остра порака дека Грција и ЕУ го осудуваат кој било обид за менување на границите во регионот и секој што би се обидел на некаков начин да ги предизвика, ќе се соочи со сериозни последици.