Ковачевски: За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не само на оската север-југ

Денеска започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8. Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции и отворање нови пазари, рече Ковачевски

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски, но и речиси сите министри присуствуваа на денешното поставување камен-темелник, со кој се означи почетокот на изградбата на автопатите Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Требениште – Струга – Ќафасан.

Бината од каде што се обраќаа владините претставници беше претставена во форма на автопат, а на говорницата беше поставен бројот 8. Со црна маица на која беше испишан бројот 8 на настанот се појави и вицепремиерот Артан Груби, кој го предизвика вниманието на јавноста.

Фото: Влада на РСМ

„Денеска започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8. Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании.

Изградбата на Коридорот 8 значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија, како и економски и регионален развој на земјава“, рече премиерот Ковачевски.

Тој изјави дека Коридорот 8 и Коридорот 10-д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава, во патниот сектор.

„До денес, овие два коридора биле само план на хартија, кој никогаш не бил реализиран од разни причини. Денес тоа се менува и започнува нивната реализација. За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој Коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот“, рече Ковачевски на свеченоста.

Делницата Тетово – Гостивар од Коридорот 8 ќе ја гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, со кого Владата на 8 март годинава потпиша договор за изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри.

Изградбата на делницата Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, според првичните пресметки, ќе чини 125 милиони евра. Останатите три делници опфатени со договорот склучен со конзорциумот „Бехтел и Енка“, чија вредност е 1,3 милијарди евра, без средствата за експропријацијата и проектирање, се автопатите Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.