Ковачевски, Вучиќ и Рама на 8 јуни ќе потпишат договорот за заемно признавање дипломи

Фото: Влада

Владата на Република Северна Македонија на денешната 50-та седница, којашто се одржа преку видео конференциска врска, донесе измени и дополнувања на заклучокот од претходната седница во врска со Договорот за соработка за земјите од Западен Балкан на полето на заемно признавање на дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции.

„Согласно измените на заклучоците, потписник на овој договор, кој ќе биде потпишан на Самитот на Отворен Балкан 8 јуни во Охрид, ќе биде претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, додека од страна на Република Србија договорот ќе го потпише претседателот Александар Вучиќ, а во име на Република Албанија, премиерот Еди Рама“, соопшти владиниот кабинет.

На денешната седница на Владата беше прифатен и предлогот за продолжување на рокот на Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на државата и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за вирусот SARS-CoV-2 и спречување од негово ширење, со кои се загрозува безбедноста, здравјето и имотот на населението, до 31 декември 2022 година.