Ковачевски: Стратешките комуникации се најсилното оружје против дезинформациите

Премиерот Димитар Ковачевски на отварањето на НАТО-конференцијата за комуникатори во Скопје, 07.09.2022 г. | Фото: Влада на РСМ

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски смета дека стратешките комуникации имаат најважна улога во борбата против дезинформациите и доспевот на точните и проверени информации до граѓаните. Ова тој го истакна во своето обраќање на денешната НАТО конференција за комуникатори, која се одржува во Скопје додавајќи дека борбата со дезинформациите е приоритет на кој Владата работи меѓу-секторски, но и партнерски со медиумските и граѓанските кругови.

Како што посочи Ковачевски, тој не се согласува со популарното мислење во безбедносните кругови дека кога во јавноста нема дискусија за безбедноста, значи дека безбедноста си ја врши работата.

„Сметам дека во ерата на дезинформациите и хибридните напади, токму стратешките комуникации имаат најважна улога во борбата и доспевот на точните и проверени информации до граѓаните, наспроти дезинформациите чија цел е да внесат немир и страв“, рече премиерот.

Како што додаде тој, воената инвазија врз Украина од страна на Русија, и огромниот наплив на дезинформации околу истата, покажа дека комуникациите може да имаат сериозно раздорно влијание и, како што посочи тој, против таквото влијание мора да се бориме.

„Точно е дека Украина во овој момент одлично се справува со информациската војна, за што од сите нас имаат поддршка, но токму таа информациска војна ни покажува колкава е улогата на комуникациите во стабилноста на една земја и еден регион“, рече Ковачевски.

Тој потсети дека владините и министерски комуникатори, воспоставија систем на транспаретност во кој точните проверени информации се лесно достапни и кои се ресурс во борбата со дезинформациите на дневно ниво.

„Воспоставениот стандард и репутација на отвореност и транспарентност ги прави дезинформациите лесно демантирани, а нивните ширачи дискредитирани. Ваквата проактивност помага во намалување на ширење на дезинформациите“, потенцираше премиерот Ковачевски.

Инаку, на конференцијата на НАТО комуникатору учествуваад повеќе од 300 претставници на земјите членки на Северно-атланската алијанса. Покрај премиерот Ковачевски, на отварањето на настанот во Националната филхармонија во Скопје, се обратија и министерката за одбрана Славјанка Петровска, како и Баиба Браже, помошничката за јавна дипломатија на генералниот секретар на НАТО.

Баиба Браже, советничката на генералниот секретар на НАТО при своето обраќање на отварањето на конференцијата за комуникатори во Скопје, 07.09.2022 г. | Фото: Влада на РСМ

Преку видео-врска се обрати и командантот на Сојузничката команда за операции, генералот Кристофер Каволи и командантот на Сојузничката команда за трансформација, генерал Филип Лавињ.

Баиба Браже, се заблагодари за посветеноста на земјава кон стабилноста на регионот, и најави дека поддршката за Украина од страна на НАТО, во делот на комуникациите ќе продолжи и понатаму.

„Треба да разбереме дека инвестиците во силни стратешки комуникациски способности се суштински. Подеднакво како и другите одбранбени способности, но и повеќе од тоа“, рече Браже, која додаде дека е навистина важно да постојат силни комуникациски тимови.

На конференцијата во Скопје ќе учествуваат околу 300 лица. Во рамките на конференцијата ќе бидат организирани неколку панели посветени на стратегиските комуникации, на што ќе претходат неколку работни групи во оваа област.