Контроверзите околу пописот во Албанија на кој се појави бугарско малцинство

Последниот попис во Албанија предизвика значителни контроверзии и тензии меѓу македонското малцинство, дополнително ги оптовари и онака сложените и напнати македонско-бугарски односи

Фото: Принтскрин видео

Последниот попис во Албанија предизвика значителни контроверзии и тензии меѓу македонското малцинство, дополнително ги оптовари и онака сложените и напнати македонско-бугарски односи, а официјално Скопје ќе проверува и какви инструкции добил амбасадорот на РСМ во Албанија, Данчо Марковски, од Mинистерството за надворешни работи (МНР), пишува Вистиномер. 

Анализата ја пренесуваме интегрално:

 

Се случи значајна промена на последниот попис во Албанија, кога за прв пат беа регистрирани лица кои се изјасниле како Бугари, нешто што не се случило во претходните пописи. Според податоците на албанскиот институт за статистика (ИНСТАТ), во Албанија живеат 2,281 Македонец и 7,057 лица кои се изјасниле како Бугари. Македонските здруженија тврдат дека резултатите од овој попис се последица на бугарски притисоци и манипулации со податоците.

Министерството за надворешни работи на С. Македонија изрази загриженост за техничките нерегуларности при реализацијата на пописот во Албанија, што според нив, доведе до прелиминарни податоци кои не ја отсликуваат реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Дополнително, министерството изрази незадоволство и остро реагираше на употребата на терминот „северномакедонци“ како супститут за етничката заедница, нагласувајќи дека името на земјата не треба да се користи за означување на етничка група.

Освен ова, на консултации во Скопје беше повикан македонскиот амбасадор кој треба да објасни какви инструкции добил од МНР:

Министерството за надворешни работи на Република С. Македонија ја информира јавноста дека согласно Законот за надворешни работи македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски е веќе повикан на консултации. Поради итноста на материјата, очекуваме консултациите да се случат во текот на оваа недела – велат од МНР.

 Стерјовски целата вина ја гледа во Софија

Васил Стерјовски, претседател на Македонската Алијанса за Европска Интеграција и истовремено поддржувач на моменталниот градоначалник на Пустец, ја обвини Софија за притисоци:

 Тоа беше чист груб фалсификат и фактички албанските власти соработуваа со бугарските власти за да направат еден пописен геноцид на Македонците, се со крајна цел асимилација на Македонците во Албанија. Овие бројки што ги кажав прво за Бугарите е чиста невистина, затоа што во 100 години ниту еден жител не се изјаснил за Бугарин во Албанија, а сега, 7000 се на пописот во Албанија. Тоа е само инженеринг на  државниот завод за статистика на Албанија, тие се додадени вештачки и тие не се попишани, дури и да се отворат документите од пописот –  кажа Стерјовски во изјавата за една од македонските телевизии со национална концесија.

Стерјовски наведува и дека луѓето од македонската заедница кои аплицирале за бугарски пасоши и се во процес на вадење на патната исправа и пред почетокот на пописот и за време на пописот биле контактирани од бугарската амбасада во Тирана и посредниците за пасоши за да се изјаснат како Бугари на пописот, со закана дека во спротивно нема да ги добијат исправите.

 

Што вели Панди Јани? 

Панди Јани, претседател на огранокот за Мала Преспа на Партијата на слободата и противкандидат на изборите за градоначалник на Пустец 2023, освен што се согласува со мислењето дека бугарско малцинство нема, дополнително ја обвини македонската партија на Стерјовски која беше во коалиција со Еди Рама за слаба инволвираност.

Тој појасни дека дел од посетите на бугарски официјални лица со месното население се одвивало и со помош на локалната власт која е во рацете на партијата на Еди Рама.

На прашањето “Како се случи за првпат во Албанија да се појават 7000 Бугари”, Панди Јани одговори дека тоа е поради влијанието од официјална Софија, но и поради лични интереси на поединци:

До 2019 година сите беа Македонци, немаше Бугари. После 2019 година, не знам ниту сам од каде излегоа. Сакам да кажам дека и пред 2019 г. и во 2001, 2002, 2003 година дел од населението имале бугарски пасоши, но никој не рече дека сме Бугари, кажуваа дека сме Македоноци. По 2019 година поради лични интереси на некои луѓе и тоа се случи, вели Панди Јани.

Тој во разговорот за Сител зборуваше дека за да се изјаснат како Бугари, Македонците во Мала Преспа на подарок добивале и таблети или лаптопи.

Поврзано со тврдењата за притисок, еден од доказите е и изјавата на Виктор Стојанов – претседател на бугарската Фондација Македонија, кому поради екстремистичко поведение времено му е забранет влезот во С. Македонија. Тој во објава на Фејсбук во 2023-та година, се закани дека на сите кои веќе имаат или се во процес на добивање бугарско државјанство, ќе им биде одземено државјанството доколку на пописот не се изјаснат како Бугари.

Во светлото на сите тврдења и тензии поврзани со пописот во Албанија, се поставува прашањето дали ќе се повтори пописот? Досега нема официјално навестување за можно повторување на пописот во делот каде што живеат Македонците во Албанија, иако македонските здруженија инсистираат на тоа, барајќи процесот да се изведе транспарентно и без надворешни притисоци. И македонското МНР, де факто, побара повторување на пописот, иако остана на изразите „загриженост“ и „очекување“, но со оценка дека „бројките не се точни“.

 

Пишува: Александар Ристоски