ЕУ бара „сеопфатна“, а не „некаква“ комуникација и „конзистентна примена“ на европското знаменце. Тоа беше поентата на првичната реакција на ЕУ преку портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, а не она што го тврди премиерот Димитар Ковачевски со што практично спинува делови од ставот на ЕУ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Претседателот на Владата на РСМ Димитар Ковачевски даде изјава во која може да се препознае спин:
Спин: Сите процеси што се одвиваат кај нас, се на некој начин комуницирани со Европската Унија…Кај нас во државата многу пати се забележува на спорост, со право, бидејќи најголемиот дел од работите, во многу области одат споро, а кога нешто ќе оди брзо, мислам дека не треба толку да му се забележува… Европската Унија не кажа дека е злоупотребено, туку дека е употребено европското знаменце, во детали ја прочитав нивната изјава. Се покажа дека законот е веќе донесен и ништо драматично не се случи. Тоа значи дека не бил правен наменски за нешто или за некого, туку дека е правен за подобрување на системот…
[Извор: ТВ Телма и 360 Степени – Д. Ковачевски/изјава – датум: 13.09.2023 г.]
Контраспин: Премиерот Димитар Ковачевски во дел од денешната изјава за медиумите во врска со измените на Кривичниот законик со кои се намалија казните што ја опфаќаа корупцијата и злосторничкото здружување од страна на избраните и именуваните лица (функционерите), де факто ја извртува изјавата на портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро–Хернандез, која го изнесе првичниот јасен коментар на Комисијата, а со тоа и став на Европската Унија околу процедурата и суштината на измените.
Спинувањето на ставот на Унијата Ковачевски го прави во најмалку два дела – процедурата на носење на измените на Законот без широка консултација и во делот на процедурата за во Собранието со употреба на т.н. европско знаменце, односно супер брза законодавна процедура.
Па, така, Ковачевски вели дека „сите процеси што се одвиваат кај нас, се на некој начин комуницирани со Европската Унија“, поради скриниг процесот, пред сè. Но, Писонеро изнесе поинаков став. Таа вели „ЕУ со загриженост забележува“ дека измените се усвоени „на забрзан начин“ и дека ЕУ „жали поради недостаток на сеопфатни консултации со домашните чинители и со ЕУ“, пред да бидат усвоени измените.
Од „консултирани на некој начин“ до „сеопфатни консултации“ и дома и во Брисел, разликата е голема и тука без сомневање станува збор за извртување на јасниот став на ЕУ.
Уште повидливо е извртувањето на ставот околу употребата на т.н. европското знаменце. Низ целата изјава на Писонеро, која можете да ја видите на крајот од текстот, провејува критика за брзината со која се донесени измените. И кога станува збор за знаменцето, Ковачевски тврди по деталното читање на изјавата може да каже дека „Европската Унија не кажа дека е злоупотребено, туку дека е употребено европското знаменце“…А еве како гласи навистина ставот на ЕУ: „Жалиме… и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ“.
Од целата реченица е јасно дека ЕУ, де факто, оценува оти процедурата за знаменцето е неконзистентна и не е јасно поврзана со законите кои првенствено имаа за цел усогласување на националното право со ЕУ, иако тоа е кажано на малку поучтив, дипломатски јазик. И од оваа изјава се гледа дека Ковачевски го извртува ставот на ЕУ, кој, впрочем, за пречестата употреба на „европското знаменце“ и друга забрзана процедура на носењето на законите изрази јасна критика и во последниот извештај за С. Македонија за 2022 година.
Всушност, ставот на ЕУ не е ништо поразличен од ставовите на домашната експертска јавност (види реакции на Блу принт групата за реформи во правоусдтвото, на ДКСК и на Коалицијата Сите за правично судење), дека измените донесени на ваков начин само ќе влијаат негативно на корупцијата.
Тука се гледа и уште еден обид за спин од страна на Ковачевски и особено на заменикот министер за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, со нивното појаснување дека судството и обвинителството можеле и досега да ги решат случаите (особено тие од СЈО), но тоа не го направиле, а вака со скратените запретени казни ќе се влијаело позитивно врз правосудството побрзо да ги решавале предметите. Но, со ставот на Унијата дека брзата измена на КЗ, кои „имаат импликации врз примената на застареноста ќе влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво“, Брисел, всушност, оценил дека негативниот ефект од измените на членовите 353, 353-в и 394, ја надминуваат секоја добра намера на законодавецот (и под претпоставка дека ја имал), при носењето на измените на овие конкретни членови од КЗ.
* * *
ЕУ со жалење и јасни ставови за дел од измените на КЗ
Ставот на ЕУ изнесен од портпаролката Ана Писонеро Хернандез на барање на ТВ 24 е недвосмислено јасен и го пренесуваме во целост како што беше објавен од медиумот и другите медиуми:
„ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените на Кривичниот законик усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија, а кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста, ќе влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво. Жалиме поради недостатокот на сеопфатни консултации со домашните чинители и со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ“…
…”Северна Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки…“
[Извор: ТВ 24 – ЕК/Ана Писонеро – датум: 12.09.2023]
„Шпекулациите“ за тоа колку предмети ќе застарат со измените на КЗ ја потврди ЕУ – голем број
Дел од изјавата на заменичката министерка за правда Мадиќ, дадено во интервјуто за ТВ Телма од 11.09.2023, се однесуваше на фактот дека „шпекулации“ биле ставовите на експертите и новинарите за тоа колку вископрофилни предмети ќе застарат:
…„Да ги оставиме работите судиите и обвинителите – и сега имаа прилика да ги завршат предметите, колку години се влечкаат некои предмети – не значи дека сега не можат да завршат. Кои предмети, како ќе завршат, во која форма, ќе оставиме да се произнесе сега судот и обвинителството по однос на овие измени на Кривичниот законик. Бидејќи се другото што слушнавме, од експертите, во јавноста, од новинарите, се однесува на шпекулации. Ние ниту еден момент од судството и обвинителството не слушнавме кои предмети ќе застарат. Ниту еден момент не излегоа и не кажаа кој предмет ќе застари, кој предмет ќе биде во поблага казна, тој предмет нема да биде завршен“…
[Извор: ТВ Телма – В.А. Мадиќ/интервју – датум: 11.03.2023]
Пишува: Теофил Блажевски