Контраспин: Граѓаните никогаш не смеат да бидат спокојни во врска со пожарите

Наместо ситни печалби во изјавите од типот „а што направивте вие“, власта треба да си го исполни запишаното во Програмата за сериозни вложувања и реорганизација во субјектите што се одговорни за противпожарна заштита, пишува Вистиномер

Фото: Влада на РСМ

Опасноста од пожари и противпожарната безбедност се многу сериозни и сложени теми за да си дозволат политичарите и партиите да спинуваат околу тоа, а токму на спинови е изложена јавноста во последните два-три дена. И од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Наместо ситни печалби во изјавите од типот „а што направивте вие“, власта треба да си го исполни запишаното во Програмата за сериозни вложувања и реорганизација во субјектите што се одговорни за противпожарна заштита, пишува Вистиномер.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, даде изјава во врска со пожарот на планината Серта и генерално со состојбите со пожарите, во која може да се детектира спин:

Спин: За разлика од „како до сега“ кога користеле алтернативни методи на повикување дожд и слично за да се справат со пожарите, претходната влада, сега оваа влада веднаш по доаѓањето видовте двајцата министри се упатија одма на лице место заедно со директорот на ЦУК, Ангелов да работат на смирување на огнената стихија. Веднаш побаравме и дел од таа поддршка е пристигната, од Турција се пристигнати воздухоплови, два авиони и еден хеликоптер… Да бидат спокојни граѓаните, ја контролираме целосно ситуацијата, денеска имаме засилување со воздухоплови кои ќе можат посебно во Ново Село да црпат ресурси, вода од Дојранско езеро. Имаме план во текот на утрешниот ден и задутре работата ќе биде целосно под контрола.

Извор: Влада на РСМ/веб – Мицкоски/изјава – 15.07.2024]

Контраспин: Премиерот Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање при посета на Охрид, во врска со пожарот кај Неготино, даде изјава во која има два спин елементи поврзани со работата на претходната влада и со тоа дали граѓаните треба, односно зошто не требало да се грижат.

Противпожарната заштита во една држава и на централно на локално ниво е толку сложена материја и систем што околу тоа и околу опасноста од пожари нема место за спинови ниту од власта, ниту, пак, од опозицијата (СДСМ, исто така, спинува во последното соопштение околу преземените мерки, освен во делот на незаинтересираноста на градоначалникот, кој останал на одмор во Грција и не присуствувал на седница на Советот на Општина Неготино).

Во делот како работела претходната влада и дали повикувала алтернативни методи за создавање дождови – нешто што иако не е сериозно спроведувано во земјава секако заслужува истражување и вложување – треба да се појде од катастрофалните пожари што се случуваа во 2019 и во 2021 година (посебно во Пехчевско-Беровскиот крај) и да се прегледаат бројките во системот за противпожарна заштита.

Имено, иако е во посед на локалната самоуправа, целиот систем за управување со кризи ја тангира и централната власт, која, токму поради тоа, одвреме-навреме ги помага локалните самоуправи со блок дотации и за оваа намена. Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) има неколку истражувања на материјалните ресурси на противпожарните единици во државата. Па, така, ЦГК во 2019 година, кога беа огромните пожари што ја осиромашија земјата, избројал дека во С. Македонија недостасуваат 536 пожарникари од што најголемиот број во Скопје, каде што во бригадата недостасувале 213 пожарникари. Податоците се објавени на почетокот на 2020 година, кога и пошироката јавност дозна за истражувањето спроведено во 2019 година.

Само четири од сите 30 противпожарни единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест други единици имаат токму толку колку што бара минимумот. На останатите 20 единици им недостигаат вкупно 536 пожарникари за да го задоволат законскиот минимум, констатираат од ЦГК.

Истото истражување ја констатирало и сè уште лошата состојба со противпожарни возила. Но, дури и во така лошата состојба во 2019 година биле набавени 26 возила повеќе во однос на 2018 година, иако тоа не го намалило лошиот просек:

Според годинешното истражување и базата на податоци што ги изработи Центарот за граѓански комуникации, во земјава има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години. За споредба, истражувањето од пред точно една година покажа дека земјата тогаш имаше 220 возила, просечно стари 27 години….Ова значи дека возилата што се набавени во меѓувреме не биле нови и не го „подмладиле“ противпожарниот возен парк во земјава. Напротив, во текот на 2019 година противпожарните единици во земјава го зголемиле бројот на возила за 26, но нивната просечна старост изнесува дури 18 години. Во текот на истата година, расходувани се 5 стари возила.

Во меѓувреме се вработувале и пожарникари

ЦГК објави извештај и за состојбата во 2023 година од кој може да се констатира дека кусокот пожарникари е сепак намален, односно во меѓувреме се вработувале повеќе пожарникари во професионалните единици.

Недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години. За последните три години, противпожарниот возен парк се „подмладил“ само за една година. 

34-те противпожарни единици во земјава вкупно имаат 284 возила, од најразличен вид – оние што гаснат пожар, цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.

Последното вакво истражување на Центарот за граѓански комуникации од 2020 година покажа дека тогаш во земјава имаше 241 возило, просечно старо 28 години. Ова значи дека во последните три години, зголемен е бројот на противпожарни возила, но староста е намалена само за една година. Сега има 284 возила, просечно стари 27 години, се наведува во појаснувањето од ЦГК.

Ова значи и дека, иако бројките се далеку од задоволителни, во периодот од 2021 заклучно со 2023, сепак се вработувале и пожарникари, па бројот што недостасува веќе не е 536, туку 240, а, исто така, бројот на возила е зголемен од 241 на 284.

Според тоа, спин е дека претходните влади на СДСМ или градоначалниците од различни партии не правеле ништо на тоа поле. Впрочем, примерот со набавката на противпожарно возило со долги скали за гаснење на пожари во висококатници, набавено од Град Скопје во време на Петре Шилегов, без оглед на противењето и обвинувањата од тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ за што Шилегов имаше објаснување, техничкото средство остана во составот на ПП Бригадата и ја зголеми нејзината ефикасност. Впрочем и новата власт во Градот продолжила иста политика и во 2022 година.

Ер Трактор во акција. Фото: Дирекција за заштита и спасување

Со пожарите никој не треба да биде спокоен

Исто така е спин граѓаните да бидат спокојни, бидејќи „целосно ја контролираме ситуацијата“. Со пожарите никој не смее да биде спокоен, зашто со нив никогаш не се знае. Доволно за тоа зборуваат податоците од минатото, но и она што го кажа директорот на Центарот за управување со кризи во текот на вчерашниот ден, гостувајќи во Сител.

Имено, Стојанче Ангелов рече дека состојбата е влошена и дека во тој момент, ден подоцна од изјавата на Мицкоски, во државата има 10 активни пожари од кои 5 се сериозни. Ангелов уште рече дека ниту еден пожар не е за потценување, дури и најмалиот ако не се дејствува на време, а во врска со пожарот на Серта кажа дека состојбата многу ја отежнува променливоста на правецот на дување на ветерот.

Впрочем, колку е сериозна состојбата зборува и одзивот на земјите кои решија да помогнат преку заедничкиот европски механизам за справување со природни катастрофи.

***

Пожарите не се место за ситни политички поени во изјавите на партиите и одговорните политичари, значи не се место за спинови, полувистини, удирање во гради. Наместо тоа, Владата треба само да го спроведе што поитно она што е забележано во Програмата за работа на Владата:

Ќе се посветиме на подобрување на животниот стандард и условите за работа на вработените во противпожарните единици. Во соработка со единиците на локалната самоуправа ќе изработиме повеќегодишен план за инвестиции во противпожарни возила и опрема за зголемена ефикасност и работни услови на противпожарните единици. Развивањето на доброволно пожарникарство е еден од приоритетите и тоа исклучиво по примерот на европските држави (Програма, стр.52).

Во спротивно, само немо ќе ја броиме милионската штета, зашто само во пет години таа изнесувала 55 милиони евра во изгорен шумски фонд и други штети.

Пишува: Теофил Блажевски