Комисијата за заразни болести засега без препораки за нови рестриктивни мерки

Комисијата за заразни болести засега не предлага нови рестриктивни мерки. Но, зависно од епидемиолошката ситуација наредниве денови, можно е од следната недела да се воведат дополнителни мерки. 

„По заедничките консултации со сите членови на Комисијата, попладнево одлучија дека нема да дадат препорака за нови рестриктивни мерки. Комисијата за разгледување на нови дополнителни мерки ќе одлучува на состанокот во понеделник, за да се даде време да се утврди дали мерките кои се веќе на сила даваат резултат“, информираа од Министерството за здравство.

Додаваат дека Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку оцени дека е потребно, после викендот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како на пример целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето, дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд. 

„Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести апелираат на целосно и доследно почитување на мерките кои се на сила, како забрана за работа на угостителски објекти после 21 часот, групирање повеќе од 4 лица во текот на 24 часа како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори“, потсетуваат од ова министерство.