Фото: Весна Коловска

Организирање на локален референдум е една од алатките за спречување на изградбата на мала хидроелектрана на Мала Река кај Браната Гратче во Кочани. Се комуницираат поискусните еко активисти, кои успеаја да спроведат успешни референдуми и да ѝ покажат на власта дека граѓаните силно се противат на изградба на објекти кои прават штета на животната средина.

За Општината Кочани, идејата на граѓанските организации за одржување на референдум за оправданост на малите хидроелектрани е прифатлива.

„Оставаме граѓанските здруженија да ја водат постапката и по резултатите ќе се произнесеме и ние како локална самоуправа“, изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Според Законот за референдум, во членот 36 стои: како предлагачи кои може да побараат распишување на референдум се: а) самиот совет кога ќе оцени дека за одредено прашање треба да се изјаснат и граѓаните и б) граѓаните со поддршка од најмалку 20 отсто од граѓаните од општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.

Одлуката за распишување на референдум ја донесува Советот на општината.

Законот за локална самоуправа го предвидел референдумот како облик на непосредно одлучување на граѓаните. Советот е должен да распише референдум на барање на најмалку 20 отсто од запишаните избирачи во општината. Донесената одлука на референдумот е задолжителна за Советот.

Во меѓувреме, замрзната е постапката за доделување дозвола за изградба на малата хидроелектрана на Мала Река додека не се изјасни Основното јавно обвинителство. По допрен глас, Обвинителството отвори предмет за текот на постапката за издавање на дозволата. Од Обвинителството само потврдија дека е почната предистрага, но други детали не соопштуваат, со оглед на тоа дека во оваа фаза не споделуваат информации со јавноста.

До Основното јавно обвинителство во Кочани граѓанската организација „Грин орг“ достави кривична пријава против службено лице во Општина Кочани за издавање на дозвола на компанијата ДИС Енергија од Скопје, која е инвеститор на МХЗ Мала Река. Во кривичната пријава се бара одговорност од општински адиминистративец – службено лице, кој дал позитивно мислење без да ја почитува законската процедура. Според подносителите на кривичната пријава, нема доказ за одржана јавна расправа. Тоа е аргументот што постојано се споменува во јавноста и очекувањата се дека ќе биде и адут пред Обвинителството.