Ќе одговара ли Груевски за мобинг врз Јанакиески?

Во аудиоснимките што вчера ги објави Зоран Заев, се слуша како премиерот Никола Груевски го притиска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, да даде мислење за нешто за кое Јанакиески смета дека не е во ред да го направи и постојано се обидува да се извлече, па вели:

Ама, претседателе не може.
Ама, нема комисијата…
Ама, глупости е тоа. Значи надвор од…проширување на маркица…
Ама, тоа е промена на ДУП. Како таква техничка грешка, нема таква…
Ама, што, што да му дадат, писмо?
Ама, нема, претседателе, законска можност нема.
Ама, не може мислење, претседателе… Значи не знам како да Ви објаснам.
Ама, претседателе, врз база на… на… на план треба да даде извод…

Вака реагира Јанакиески на притисоците на Груевски, кој му вели:

А бе дај, ако може да го завршиме ова за фасадата на ЕВН и на „Сити галери“, како техничка грешка…
Одговорноста е кај тој што ќе го прифати мислењето. Мислењево е гола вода. Никаква одговорност нема некој за мислење што дал.
Ти не си собрание, па да даде автентично толкување. Ти даваш твое мислење. Твоето мислење може да биде вакво, онакво, погрешно, правилно, ама, ете, така си мислел ти.
Ама нејќам да мислиш дека те втурнувам во криминал ти да направиш…

Според Законот за заштита од вознемирување на работното место, вознемирениот може да тужи и да добие парична отштета.

По дефиниција, мобинг е притисок врз вработените или психолошки терор на работното место. Се состои во „непријателска и неетичка комуникација, најчесто врз поединец, кој е ставен во состојба на беспомошност, без можност да се брани. Состојбата може да се одреди и како систематска и организирана кампања за одредено лице да се избрка од работа“.

Изразот  е кованица од два англиски збора: „моб“, што значи бараба, неранимајко, и „мобиш“, што значи грубо, простачки, вулгарно.

И министерот за финансии, Зоран Ставрески, ѝ се жали на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на односот на премиерот спрема него и неколку министри и дека ги тера да потпишат договор со кинеска компанија што ќе гради патишта без тендер.

ЗС: Нè тера да напраиме незаконско нешто. Не јас, Миле и Владо треба да потпишат со тие Кинезите и нејќат луѓето да потпишат. И во право се што нејќат.
ЗС: И да не сме во право, пази, и да не сме у право, начин ли е тоа бе со тројца твои соработници?
ГЈ: Да, де. Ама и не само тоа, ако некој некомотно се чувствува, значи има нешто.
ЗС: Што треба да потпишат знаеш? Договор со кинеска компанија што ќе ги гради патиштава без тендер. Тоа треба луѓево да потпишат.

Според Законот за заштита од вознемирување на работното место, глоба во износ од 5.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавец – ако врши вознемирување на работно место и го злоупотребува правото на заштита од вознемирување на работно место.

Член 4 од овој закон вели дека забранет е кој било вид вознемирување на работно место, како и злоупотреба на правата на вознемирување на работно место.

Психичко вознемирување на работно место, според член 5 од овој закон, е секое негативно однесување од поединец или група што се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и на честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и на менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Според член 18, вработениот кој смета дека е изложен на вознемирување од работоводен орган во правното лице или физичко лице како работодавец, може да поднесе тужба пред надлежниот суд по претходното писмено предупредување до вршителот на вознемирувањето, без претходна постапка за заштита од вознемирување на работно место кај работодавецот.

Овде е целиот транскрипт од разговорите помеѓу Никола Груевски со Миле Јанакиески и Зоран Ставрески со Гордана Јанкулоска.