Какофонија од повеќе наративи кои креираат теорија на заговор за климатските промени

Научната заедница од петни жили се труди да им објасни на луѓето ширум светот дека не е вистина оти нè запрашуваат со хемикалии. Таканареченото „запрашување“ на населението или „кемтрејлс“ е теорија на заговор која е постара од две децении. Тврдењето дека глобални светски сили како СЕФ, СЗО и ЦЕРН заедно со „Блек Рок“ се „организатори на труење на населението“, исто така, е позната теорија на заговор

Фото: Принтскрин видео

Наспроти тврдењето во објавата, во Договорот потпишан во 2005 година меѓу Драшковиќ и НАТО,  авионите на НАТО добиле дозвола да прелетуваат над територијата на Србија и Црна Гора не за да запрашуваат со хемикалии или вируси, туку за транзитни аранжмани за поддршка на мировни операции во делокругот на НАТО дејствувањето. Научната заедница од петни жили се труди да им објасни на луѓето ширум светот дека не е вистина оти нè запрашуваат со хемикалии. Таканареченото „запрашување“ на населението или „кемтрејлс“ е теорија на заговор која е постара од две децении.Тврдењето дека глобални светски сили како СЕФ, СЗО и ЦЕРН заедно со „Блек Рок“ се „организатори на труење на населението“, исто така, е позната теорија на заговор, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:

Климатски промени, се на едно место.

Во видеоматеријалот говорникот кажува дека „климатски промени не постојат (атрибуирајќи го тоа на Милутин Миланковиќ), дека живееме во експериментално време“. На екранот се појавува фотографија од сахарска прашина и се поставува прашањето какви се тие дождови. Тој зборува дека кашлањето, гребењето во грлото, насолзените очи, неможноста да се спречи кашлицата, мирисот на нешто чудно во воздухот најмногу личи на песок, главоболките се последица на „експеримент“ кој почнал пред 2 илјади години.

До 2007 година се потпишуваа договори со сите држави за прелетите на тие авиони. За авионот кој прелетуваше над Србија договорот го потпиша Вук Драшковиќ. Тој е главниот виновник за дозволата авионите да прелетуваат над Србија. Гледачите да не мислат дека има некој во Србија што може ова да го спречи. Ова не е работа на една држава туку на една глобална сила составена од нарачателите на тој проект, а тоа се Светскиот економски форум, Светската здравствена организација, ЦЕРН и корпорациите кои спроведуваат корпоративен фашизам. Тие огромни корпорации владеат со сето она што го гледаме, што го купуваме и продаваме, со сите војни и оружје и лекови. Како на пример, компанијата Блек Рок, се вели во видеото од објавата што ја рецензираме.

Во објавата се презентира какoфонија од невистини за да се креира една голема теорија на заговор. Некои нејзини елементи не се непознати туку се постари. Како на пример, делот дека Вук Драшковиќ им дозволил на авионите на НАТО да го трујат српското население преку испуштање отрови и вируси над српскиот воздушен простор.

Кога ќе се прочита оригиналниот текст на Договорот потпишан меѓу Драшковиќ и НАТО, од него се гледа дека дефиницијата за транзит во Договорот означува „непречено поминување без плаќање и присуство неопходно на НАТО персоналот, опремата, на материјалите, оружјето, муницијата, експлозивите, возилата, бродовите и авионите на НАТО“ (член еден од Договорот).

Во член 2 од Договорот се вели дека Србија и Црна Гора дозволуваат слободен транзит/поминување преку територијата на Србија и Црна Гора, вклучително и воздушниот простор и територијалните води на Србија и Црна Гора, по копнен, железнички, патен, воден или воздушен пат за цел персонал и кој вид опрема и материјали, вклучително и муниција кои му се потребни на НАТО за изведување на операциите.

Како што може да се види од Договорот потпишан во 2005 година, авионите на НАТО добиле дозвола да прелетуваат над територијата на Србија и Црна Гора не за да запрашуваат со хемикалии или вируси, туку за да изведуваат операции во делокругот на НАТО дејствувањето. Операциите, како што се гледа од членот број еден се мировни.

Научната заедница од петни жили се труди да им објасни на луѓето ширум светот дека не е вистина оти нè запрашуваат со хемикалии. За да докаже дека оваа теорија на заговор е неточна и ги измамува луѓето, Форбс објави студија, според која 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Дополнително и професори ширум светот се среќаваат со теоретичарите на заговори за да ги вкрстат аргументите и да докажат дека ова не е возможно сценарио, меѓу другото и поради тоа што огромни тајни во проекти кои би вклучувале огромен број на луѓе, не може да се зачуваат. Така, Дејвид Кит од Универзитетот Калгари, се сретнал со луѓе загрижени дека постои прскање од авиони, односно кемтрејлс. Видеото од неговата посета, којашто била снимена, може да се најде на следниот линк . Самиот професор ги упатува лицата кои имаат сомнежи дека кемтрејлс постојат, да го погледнат видеото.

Таканареченото „запрашување“ на населението или „кемтрејлс“ е теорија на заговор која е постара од две децении.

Научните докази продолжуваат да покажуваат дека човечките активности (првенствено човечкото согорување на фосилни горива) ја загреале површината на Земјата и нејзините океански басени, што пак, продолжува да влијае врз климата на Земјата. Дури 97 проценти од климатските научници ширум светот се согласуваат дека климатските промени се реални и водени од човековата активност. Во научниот свет тоа е консензус.

Глобалното затоплување предизвикува зголемување на просечната температура на површината на Земјата. Ова не само што ги зголемува веројатните топлотни бранови и суши, туку, исто така, предизвикува промени во нашите природни климатски системи. Овие промени ги прават екстремните временски настани поверојатни и посериозни. На пример, ураганите и бурите стануваат поинтензивни, се движат побавно и им треба подолго време за да стивнат.

Уште во ноември 2016 година група од 77 научници објави извештај откако ги прегледа наводните докази дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.

Нешнал Географик, исто така, пишува дека кемтрејлс не постојат. Следствено, тие не би можеле да бидат одговорни за болестите кај луѓето кои се споменуваат во објавата што ја рецензираме, односно за симптомите како кашлање, насолзени очи, гребење во грлото.

Феноменот на сахарски или африкански песок се јавува кога над Сахара се наоѓа циклон, односно вртложно движење, кое го крева песокот во повисоките слоеви на атмосферата. Ова е честа појава во пролетните месеци. Најголемата концентрација на пустински песок кај нас е во април и мај.Според веб-страницата на Met Office, сахарската прашина е мешавина од песок и прашина од Сахара, огромна пустинска област која го покрива поголемиот дел од Северна Африка.

Силните ветрови креваат песок и прашина високо до небото, а кога ќе се подигнат од земјата, облаците од прашина можат да достигнат големи височини и да се пренесат низ светот. За да падне прашината од небото на земјата, потребен е дожд. Како што паѓаат капките дожд, тие собираат честички од прашина и кога ќе паднат на нешто и испаруваат, оставаат зад себе слој прашина. Ова значи дека сахарската прашина доаѓа на тлото на Европа поради ветрот и е природна, а не вештачка појава.

Во врска со делот дека „глобални светски сили како СЕФ, СЗО и ЦЕРН заедно со „Блек Рок“ (американска мултинационална инвестициска компанија основана во 1988 година, најголем менаџер во светот со средства под управување од 10 трилиони американски долари), се „организатори на труење на населението“, тоа исто така е конспирација односно теорија на заговор. Особено што надлежностите на овие организации се однесуваат на подобрување на глобалното здравство и економија, справување со глобалните проблеми околу климатските промени (меѓу другото), а Блек Рок како инвестициска фирма има значителни акции во многу од светските водечки компании, тие акции се во сопственост на клиентите на Блек Рок.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.