Каде беше ИВЗ 25 години?

Уште еден македонски Албанец го загуби животот на боиштата во Сирија, како доброволец џихадист, со што бројот на загинати македонски државјани, според досега достапните информации, изнесува 14 луѓе.

Информацијата за смртта на младиот Садик Џемаили (25) доаѓа речиси истовремено со највата на проектот на Исламската верска заедница (ИВЗ) во кој, освен мерки за зауздување на појавата на регрутирање луѓе од исламската заедница, се предлагаат и мерки за нивна ресоцијализација.

– Како да им помогнеме на тие луѓе што случајно ќе останат живи да ги вратиме на вистинскиот пат и да продолжиме да живееме во спокојство и мир – рече поглаварот на ИВЗ, реис ул улема Сулејман ефенди Реџепи, по претставувањето на проектот пред амбасадорката на Република Франција, Лоренс Оер.

Ваквото поставување на приоритетите на проектот создава впечаток дека тој е поставен на глава и доаѓа во судир со одредбата од кривичниот закон (усвоена неодмна како репресивна мерка за одвраќање на потенцијалните џихадисти доброволци и санкционирање на оние што веќе биле на блискоисточниот фронт). Сепак, познавачите на состојбата приматот на мерките го ставаат на превентивата, односно одвраќањето на младите муслимани од вакви опасни авантури.

Од друга страна, ваквите иницијативи следуваат по масакрот во францускиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“, иако регрутирањето  екстремисти трае веѓе неколку години. Според оперативните податоци на МВР, во Македонија ваквата појава е забележана уште во 2012 година.

– Проектот „Стоп радтер“ (STOP radTerr), кој се стреми да го реализира ИВЗ, по анализата што ја направивме, констатиравме дека е многу добро обработен од методолошки аспект, во него вклучува компоненти, чекори и профили кои би довеле до реализација на очекуваните резултати, спречување на регрутација на лица кои би учествувале на војни боишта на разни региони во светот и ресоцијализација на повратниците – вели професорот по социологија на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), Али Пајазити.

Сепак, Пајазити сумирајќи го својот став околку ова прашање, критички вели дека проектот на ИВЗ, и покрај издржаноста е задоцнет, и досегашниот индолентен однос на ова тело довел до тоа „мејнстрим“ исламот да пушти корени меѓу муслиманите во земјата.

– Прашањето кое секој нормален верник го поставува е зошто Исламската зедница овие две и пол децении беше индолентна во промоцијата на мејнстрим исламот, зошто не ја активираше повеќе браншата на теолозите да повикува на вистинското сфаќање на религијата, зошто дозволи разни фракции да бидат многу повизибилни за младата популација, па и пошироко? Зошто во аспект на публикации и литература не може да се спореди со една мала издавачка куќа, која ја водат двајца-тројца лаици кои објавуваат книги за исламот, а има отприлика повеќе од 500 теолози низ целата земја кои се доволна екипа за генерирање професионалци за преведување, семинари, трибини. Мислам дека се стреми да се надомести загубеното со еден проект, а тоа е невозможно. Овој проект би бил многу успешен да го немаше интернетот, кој овозможува секој да има пристап на секакви предавања, од секакви теолози и квазитеолози, религиозни лидери кои се регионализираат и глобализираат секојдневно – вели Пајазити.

Аналитичарот Рамадан Рамадани, пак, вели дека иако не е запознаен со детали од проектот, генерално смета дека тој е добар, но додава дека во однос на бројноста на борци во ИД, состојбата во земјата не е загрижувачка.

– Такви проекти има и во светот и се спроведливи. Не знам колку треба да се прави баук од тоа во Македонија бидејќи според релевантни меѓународни институции, бројот на вакви лица од земјата е мал. Сепак, ваквите проекти се добри во македонски контекст, па дури и ако доаѓаат од ИВЗ-  вели Рамадани.

Засега нема официјална бројка на македонски државјани кои се борат во редовите на ИД. Пратеникот и поранашен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, неодмна во изјава за „Мета“ рече дека моменталните процени се дека бројот на џихадисти доброволци од Македонија се движи околу стотина.

Пред три дена Интернационалниот институт за проучување на радикализмот и политичкото насилство (ИЦСР), објави извештај за бројот на странци кои се борат во редовите на ИД.

Според извештајот на центарот со седиште во Лондон, од Македонија во редовите на ИД има 12 лица, што е помалку и од бројот на загинати, а е врз основа на достапни информации со кои располага секоја држава.

Од земјите во региониот, бројките според ИЦСР изгледаат вака:

  • Босна и Херцеговина, 330 лица
  • Албанија, 90 лица
  • Косово, од 100 до 150
  • Србија, од 50 до 70

Од земјите во Западна Европа, според извештајот најмногу радикални милитанти во Сирија и во Ирак заминале од Франција – 1.200, Велика Британија – од 500 до 600, колку што има и од Германија.