Обвинителството ја активираше електронската адреса за пријавување изборни нерегуларности

Привремената комисија за следење на изборни нерегуларности, што минатата недела ја формираше републичкиот Јавен обвинител, Марко Зврлевски денеска одржала состанок со граѓанските организации и ја промовирала електронската адреса [email protected], на која можат да се пријавуваат сомненија за сторени кривични дела поврзани со претстојните избори на 5 јуни, соопшти Јавното обвинителство.

„Целта на средбата беше да се договори начинот на меѓусебното комуницирање, а во насока на превенирање и постапување по противзаконити дејствија што евентуално би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборниот процес на 5 јуни 2016 година. На состанокот, Комисијата ја промовираше електронската адреса на која граѓанските организации и граѓаните ќе можат да пријавуваат сомненија за сторени кривични дела поврзани со изборите. Оваа адреса веќе е во функција, а сите пријави испратени на неа веднаш ќе бидат проследени до Комисијата, која предметите ќе ги упатува на итно постапување кај надлежен јавен обвинител“, стои во соопштението на Обвинителството.

Оттаму додаваат дека, комисијата секој ден ќе ги следи сите информации објавени во медиумите, а при евентуални известувања за изборни нерегуларности ќе формира предмети и по допрен глас.