Фото: Ванчо Џамбаски

ВМРО-ДПМНЕ синоќа одржа седница на Централниот комитет на партијата на која што дискутираа за актуелната политичка состојба, но и за значајни внатрепартиски случувања, информираат од таму.

Во партијата избраа и нов Извршен комитет кој го соочинуваат потпретседателите Александар Николоски и Владимир Мисајловски, членот Иван Иванов поранешен пратеник, како и членовите кои по функција се дел од ИК согласно Статутот, Претседателот на УМС младиот Сергеј Попов и координаторот на Пратеничката група Никола Мицевски.

Останатите членови на Извршниот комитет се Гордана Димитриеска – Кочоска, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Олга Лозаноска, Дафина Стојановска, Вело Марковски, Tрајко Славески, Владимир Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонијо Милошоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завршувањето на седницата на партијата информираше дека, поради лични причини се повлекол досегашниот Генерален секретар, Игор Јанушев.

„Ја користам оваа прилика да му заблагодарам за неговата работа, срдечно залагање и беспоштедна битка. Тој продолжува да придонесува и помага во ВМРО-ДПМНЕ. Во наредниот период Извршниот Комитет ќе биде проширен и со нови членови, нов Генерален секретар, нов Претседател на Унијата на Жени и нов Претседавач на Унијата на ветерани,“ изјави Мицкоски.

Тој додаде дека се дискутирало и за неговото три годишно управување со партијата, за тоа како ја затекнал, во каква состојба и низ какви се премрежја поминале.

„Јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на кој што јас нема да се кандидирам. Централниот комитет надвор од моето присуство откако ја напуштив салата на која се оддржуваше седницата на самиот Централен комитет го одби практично едногласно ова мое барање и не се согласи со ваквиот предлог, а со тоа ми даде полн легимитет да продолжам со раководењето со ВМРО-ДПМНЕ и јас во име на тоа им се заблагодарувам на укажаната доверба, што за мене е обврска, да со уште посилно темпо продолжиме со рушењето на мафијата,“ изјави Мицкоски.