Јакимовски вети бесплатна возачка за млади, Општина Карпош ќе субвенционира 50 отсто од трошоците за обука

Photo by Peter Fazekas: https://www.pexels.com/photo/photo-of-person-driving-1386649/

Во продолжение ја пренесуваме проверката на „Вистиномер“ на исполнетост на изборно ветување на сегашниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски:

 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во својата предизборна кампања, меѓу другото, го даде и следното ветување:

Обуката и полагањето за возачка дозвола претставува сериозно оптоварување на буџетот на секое семејство. За младите да положат за возачка дозвола се вклучуваат и дедовци и баби и од тие причини Општина Карпош ќе донесе одлука да даде поддршка да ги покрие трошоците за обука и за полагање на сите млади луѓе кои ќе наполнат 18 години

[Извор: Тајм.мк; Датум: 03.10.2021]

Сите жители на општина Карпош кои ќе наполнат 18 години ќе добијат бесплатна возачка дозвола. Општината ќе ги покрие сите трошоци

[Извор: Фејсбук профил на Стевчо Јакимовски Датум: 28.09.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, за време на кампањата за локалните избори кои се одржаа на 17 октомври 2021 година, во повеќе наврати вети дека Општината целосно ќе ги покрие трошоците за обука и за полагање возачки испит за младите лица на возраст од 18 години. Ова ветување на Јакимовски е делумно исполнето.

Општина Карпош од крајот на јуни ја почна постапката за субвенционирање на трошоците за возачка дозвола на младите кои годинава ќе наполнат 18 години и најмалку три години се жители на Карпош, но не целата сума за обука и за полагање, туку во висина на 50 отсто од износот за теоретски и практичен дел од обуката. Општината не ги покрива трошоците врзани за самиот испит, за лекарското уверение и за полагање прва помош.

За таа цел  беше објавен Јавен повик кој, како што пишува на веб-страницата на Општината, ќе трае сé до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена, а ќе функционира според принципот „прв дојден, прв услужен“.

Започнувајќи од оваа година, за првпат локалната самоуправа воведува новина со која младите лица кои живеат во Карпош се поттикнуваат да полагаат за возачка дозвола. За оваа намена Општината  обезбеди финансиска конструкција во висина од 4.000.000 денари. Право на пријавување имаат сите физички лица кои живеат на територија на општина Карпош,  кои во оваа 2022 година наполниле 18 години.   Јавниот повик ќе трае сé до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена, кој ќе функционира според принципот „прв дојден, прв услужен“, објавија општинските власти на 23 јуни.

Дека „субвенционирањето нема да надминува 50 отсто од износот што се наплатува за теоретска и практична обука“, општинските власти најавија уште на крајот на минатата година (29.12.2021). Тогаш Советот на Општина Карпош  ја усвои Одлуката за субвенционирање млади лица за полагање на возачка дозвола, којашто е дел од Програмата за активностите на Општина Карпош во областа на развојот за 2022 година.

Вистиномер  пред извесно време пишуваше за ова ветување на Јакимовски и праша во Општина Карпош зошто дошло до промена на првичанта негова најава дадена во предизборната кампања, дека Општината ќе ги покрие сите трошоци. Оттаму ни одговорија дека причините се од финансиска природа:

Да, во право сте дека градоначалникот Стевчо Јакимовски во предизборната кампања вети целосно покривање на трошоците за возачки испит за сите млади во општината кои ќе наполнат 18 години . Исто така, точно е дека Советот на Општина Карпош на 29.12.2021 усвои Одлука за субвенционирање млади лица за полагање на возачка дозвола. Сумата предвидена во Буџетот за 2022 година за оваа намена е 4.1 милиони денари, а висината на надоместокот што ќе го добијат апликантите ќе зависи од бројот на пријавени кандидати и од утврдената цена за обука за возачкиот испит. Годинава нема целосно да бидат покриени трошоците за полагање на возачки испит од следните причини:

Општина Карпош во 2022 година има Буџет од 485.263.000 денари, а трошоци од 530 милиони денари. Причината за тоа е слабиот прилив на средства во општинската каса. Буџетот законски се формира како просек од приходите во изминатите три години зголемен за 30 отсто. Просекот на буџетски приход во изминатите три години бил многу низок: 390 милиони, 330 милиони и 340 милиони денари. Годинава целта на градоначалникот е да се стабилизира работењето на општината преку одблокирање на сметката и максимално намалување на непродуктивните трошоци за да се ослободат средства за проекти.

Поради тоа максимално се намалени трошоците по сите основи, за да се дојде до сума која ќе дозволи општината да функционира, односно да има тековно одржување. Притоа водено е сметка да има средства за субвенции за сите планирани проекти, меѓу кои и за полагање на возачки испити.

Вистиномер деновиве се јави во неколку автошколи – кои во Јавниот повик се посочени дека преку нив ќе се одвива субвенционираната обука за возачки испит од Б категорија на млади лица на возраст од 18 години, од каде што ни рекоа дека субвенициите се однесуваат на теоретски и практичен дел од обуката која чини околу 19.200 денари, а Општината покрива 50 отсто од оваа сума – 9.600 денари.  Другите трошоци, како што се на пример, оние за лекарско уверение, полагање прва помош и самиот возачки испит (полигон и градска вожња)  кандидатите ќе си ги платат сами, односно нив не ги покрива Општината.

Како што е официјално објавено на веб-страницата на Општина Карпош, до 15 август 154 кандидати ги исполниле критериумите пропишани во огласот за добивање субвенции за возачка дозвола.

Па со оглед на тоа што Општината го почна процесот на субвенционирање за возачка дозвола за младите карпошани кои годинава ќе наполнат 18 години,  но надоместок не е за целиот износ за обуката и за полагањето на возачкиот испит, туку е 50 отсто од сумата за трошоците за теоретски и практичен дел од обуката, ветувањето на Јакимовски го сметаме за делумно исполнето.

ИЗВОРИ: