Лани извозот изнесувал 7.187.566.000 американски долари и бележи пораст од четири проценти во однос на 2018 година, објави Државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 9.470.289.000 долари, што е за 4,6 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит изнесува 2.282.723.000 долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Лани според вкупниот обем на надворешно-трговската размена Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.