Израел ја контролира целата копнена граница на Газа по преземањето на коридорот Филаделфи

Границата со Египет долж јужниот раб беше единствената копнена граница на Газа која не беше директно контролирана од Израел

Photo by CHUTTERSNAP on Unsplash

На телевизиски брифинг во средата, главниот воен портпарол на Израел, Даниел Хагари, рече дека израелските сили добиле „оперативна“ контрола над коридорот Филаделфи. „Филаделфи“ е кодното име која израелската војска го користи за границата меѓу Газа и Египет, која е долга 14 километри, пренесува Гардијан.

Хагари тврди дека коридорот Филаделфи служел како пат за шверц на оружје за Хамас.

Границата со Египет долж јужниот раб беше единствената копнена граница на Газа која не беше директно контролирана од Израел, со што сега сите копнени граници на Газа се контролирани од Израел.

Со овој стратешки потег се очекува да се влошат веќе осетливите односите меѓу Израел и Египет.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби, рече дека заземањето на коридорот Филаделфи е дел од „ограничената“ израелска копнена операција во градот Рафах, кој се наоѓа непосредно до границата со Египет.

„Кога нè информираа за плановите за Рафах, бевме известени и за планираните активности по тој коридор за да се врши притисок врз Хамас“, им рече Кирби на новинарите вчера.

Египетски извор за Ал Џазира вели дека нема тунели,

„Израел ги користи овие обвинувања за да го оправда продолжувањето на операцијата на палестинскиот град Рафах и ја продолжува војната за политички цели“, рекол египетскиот извор.

Коридорот Филаделфи е дел од поголема демилитаризирана зона долж двете страни на целата граница меѓу Израел и Египет. Според мировниот договор, на секој му е дозволено да распореди само мал број војници или граничари во зоната.

На почетокот на овој месец, Израел и Египет се вплеткаа во дипломатски спор откако израелските одбранбени сили (ИДФ) ја презедоа контролата врз преминот Рафах. Заземањето на коридорот сигнализира дека Израел ја продлабочува својата офанзива во јужниот дел на Газа, со што дополнително ги влошува односите со Египет.