Израел им најави на жителите на градот Газа да се евакуираат

Од ОН предупредија дека локациите каде им е кажано на жителите на градот да заминат се веќе пренаселени и имаат недостиг на хуманитарна помош и соодветна инфраструктура

Фото: Kevin Schmid on Unsplash

Израелските одбранбени сили (ИДФ) им најавија на жителите на градот Газа да се евакуираат, пренесува Би-би-си.

На жителите на главниот град на Газа, кој се наоѓа на северот во појасот, им беше кажано да отидат некаде во центарот или југот на Појасот Газа по две безбедни рути. Граѓаните беа известени преку летоци кои беа испуштени од авиони.

Во изминатите две недели, израелските сили се вратија на неколку територии во Газа, во кои сметаат дека има присуство на војници од Хамас и екстремистичката група „Исламски џихад“.

Хамас соопшти дека со новите активности на ИДФ во Газа се загрозува текот на преговорите за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Преговорите повторно започнаа во Катар во средата, каде беа присутни надлежните на разузнавачките служби на Египет, САД и Израел, како и премиерот на Катар.

Иако Би-би-си забележеле жители од градот Газа како го напуштаат, други луѓе одбиле да си одат.

„Нема да го напуштам градот Газа. Нема да ја направам глупавата грешка што ја направија другите. Израелските проектили не прават разлика помеѓу север и југ. Ако смртта е мојата судбина и судбината на моите деца, ние ќе умреме чесно и достоинствено во нашите домови“, изјави за Би-би-си Ибрахим ал-Барбари, 47-годишен жител на Газа.

Дополнително, Црвената полумесечина соопшти дека некои жители ја исконтактирале организацијата, велејќи дека не можеле да ги напуштат своите домови поради интензивното бомбардирање.

„Новостите кои стигаат од Газа покажуваат дека жителите живеат во трагични услови. Израелските окупациони сили продолжуваат да ги таргетираат населени области, што ги принудува луѓето да се отселат од нивните домови или од кампот за бегалци во кој престојуваат“, стои во извештајот на Црвената полумесечина.

Во вторникот Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР) соопшти дека е „ужасната“ од наредбите на ИДФ жителите да се евакуираат во „места каде што се во тек израелски воени операции и каде цивилите продолжуваат да се убиваат и повредуваат“.

Дополнително, ОХЦХР предупреди дека областа Деир ал Балах е веќе сериозно пренаселена со граѓани раселени од другите области на Газа и дека има недостиг на хуманитарна помош и соодветна инфраструктура за да се згрижат толку граѓани.