Изгласана првата претседателка во Мексико

Клаудија Шејнбаум, која доаѓа од левичарската партија на сегашниот Андрес Мануел Лопез Обрадор, е и првиот еврејски претседател на Мексико

Фото: Secretaría de Cultura Ciudad de México from México, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Клаудија Шејнбаум победи на вчерашните претседателски избори во Мексико, со што стана првата претседателка на Мексико, пренесува Гардијан. Дополнително, таа е и првиот еврејски претседател на Мексико – нејзиното семејство потекнува од Литванија и Бугарија.

Таа освоила најмалку 58 отсто од гласовите, според гласовите избројани досега.

Шејнбаум е дел од партијата Морена, чиј основач е сегашниот претседател на Мексико Андрес Мануел Лопез Обрадор, попознат по своите иницијали АМЛО.

На второ место, со 26 отсто од гласовите, беше Сочил Галвез од опозициската коалиција. На трето место, со 9,9 отсто од гласовите беше Хорхе Алварез Мајнез, на чиј митинг се урна бина, која резултираше со смртта на најмалку 60 луѓе.

„Замислуваме плурално, разновидно и демократско Мексико. Наша должност е и секогаш ќе биде да се грижиме за секој Мексиканец. Дури и ако многу Мексиканци не се согласуваат целосно со нашиот проект, ќе мора да продолжиме во мир и хармонија за да изградиме пофер и попросперитетно Мексико“, рече Шејнбаум.

Шејнбаум е доктор на науки во полето на енергетско инженерство. Има напишано стотици академски написи и две книги во врска со обновливи извори на енергија и животната средина. Од 2000 до 2006 година била и Министерка за животна средина, а од 2018 до 2023 година била градоначалник на Градот Мексико.

„Ѝ честитам на Клаудија Шејнбаум, која победи со голема предност. Таа ќе биде првата претседателка на Мексико во двестегодишната историја на републиката. А можеби ќе стане и претседателот со најмногу освоени гласови во историјата на Мексико“, напиша претседателот АМЛО на Х.

Во однос на своите политики, Шејнбаум вети дека ќе продолжи каде што АМЛО застанал, кој е познат по финансиската поддршка за стари лица и самохрани мајки, водечките инфраструктурни проекти во сиромашните региони, како и во проширувањето на улогата на војската во домашната безбедност.