Иванов го честита Меѓународниот ден на Ромите

Преку ангажман на надлежните институции и нагласување на неопходноста од едукација на лицата кои живеат во недоволно развиените подрачја, ќе се подобрат условите за живот, порачува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во својата честитка до македонските Роми по повод одбележувањето на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.

„По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, дозволете ми на сите припадници на ромската заедница во земјава да им го честитам празникот. Секојдневните искуства и истражувања покажуваат дека токму образованието претставува основен услов за решавање на проблемите од современото живеење. Низ ангажман на надлежните институции и нагласување на неопходноста од едукација на лицата кои живеат во недоволно развиените подрачја, ќе се подобрат условите за живот. Затоа повикувам да се погрижиме и секому да му дадеме можност да биде дел од овој процес. Реалното интегрирање во општеството на припадниците на одредени етнички заедници придонесува за решавање на постоечките предизвици. Честитајќи ви го празникот, сакам да ве уверам дека и понатаму ќе се вклучувам во сите предизвици за заеднички и посветено да ги надминеме  предрасудите“, се вели во честитката.