Инциденти со бегалците на Лезбос

Нови инциденти избија во бегалскиот центар Морија на островот Лезбос. Мигрантите вчера се судрија со полицијата и во центарот неколку часа владееше хаос, кој заврши со десетина повредени.

Според информациите во Грција, од изутрината во центарот владеела тензија поради нетрпеливоста на бегалците и на мигрантите за тоа што ќе се случува со нивните барања за азил, како и од незадоволството од условите во кои живеат со месеци.

Искра во целата ситуација фрлила посетата на министерот за миграција, Јанис Музалас, и на неговиот холандски колега во крилото каде има малолетни бегалци кои патуваат без придружба и без старатели. Кога бегалците забележале дека има официјални лица, почнале да извикуваат „Слобода“ и да фрлаат со предмети, погодувајќи го Музалас со шише вода.

Откако заминале министрите, инцидентите ескалирале. Бегалците фрлале со камења по полицијата, се палеле контејнери за отпадоци. За да воведе ред, полицијата употребила солзавец и шок-бомби. По неколку часа насилни немири, тензиите се смириле, а исходот од немирите се десетина повредени.

Во центарот Морија има повеќе од 3.000 бегалци и мигранти.