ИДСЦС: Граѓаните сметаат дека тендерите во општините не се доделуваат праведно

Повеќе од 60 отсто од граѓаните сметаат дека процесот на вработување во општинската администрација во нивната општина е достапен за луѓе блиски на партијата на власт во таа општина. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење за судирот на интереси и за корупцијата на локално ниво на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, спроведено во рамки на проектот „Граѓанска мрежа за спречување конфликт на интереси во јавната администрација“.

„Истражувањето открива дека во јавноста преовладуваат негативни перцепции за нивото на транспарентност на единиците на локалната самоуправа. Во периодот меѓу 2014 и 2015 година, се бележи пад на перцепцијата за транспарентност на општинската администрација.
Половина од граѓаните сметаат дека тендерите во општините не се доделуваат праведно, а четвртина од граѓаните не се доволно запознаени со тој процес. Исто така, четвртина од граѓаните целосно се согласуваат со изјавата „фирмите блиски до општинската власт секогаш имаат предност при тендерите“. Речиси две третини од сите граѓани сметаат дека процесот на вработување во општинските администрации е отворен и достапен само за луѓе блиски на партијата на власт во општините. Речиси половина од граѓаните целосно се согласуваат дека во Македонија никој не може да се вработи ако не е член на политичка партија, повеќе од половина целосно се согласуваат дека државата е одговорна да обезбеди работа за граѓаните, а 4 од 10 граѓани целосно се согласуваат дека во Македонија практиката „услуга за услуга“ е широко развиена појава“, велат од ИДСЦС.

Истражувањето било спроведено теренски на македонски и на албански јазик, од 19 февруари до 2 март годинава, на примерок од 1.603 испитаници.