И покрај повиците за единство, Трамп жестоко ги нападна политичките ривали

Поранешниот претседател уште еднаш изјави дека одбива да го прифати поразот од претседателските избори во 2020 година

Фото: Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Доналд Трамп вчера формално ја прифати републиканската номинација за претседател во Милвоки, при говор што започна со повик за единство, а потоа се претвори во напад кон неговите политички ривали, пишуваат светските медиуми.

„Се кандидирам да бидам претседател на цела Америка, а не на половина Америка, бидејќи нема победа во победата за половина Америка“, се обрати тој на почетокот на својот говор, кој траеше околу 90 минути.

Говорот продолжи со напади упатени кон демократите поради бројните криминални случаи со кои се соочува.

„Демократската партија треба веднаш да престане да го користи правосудниот систем како оружје и да ги етикетира своите политички противници како непријатели на демократијата, особено бидејќи тоа не е точно. Ако демократите сакаат да ја обединат нашата земја, треба да се откажат од овој партиски лов на вештерки,“ рече тој.

За време на говорот изјави и дека мигрантите кои доаѓаат во Америка се криминалци и терористи. Без да го именува, тој обвини дека странски лидер ги празни затворите на неговата нација и испраќа криминалци во САД.

Исто така, силно се спротивстави на кривичните обвиненија со кои се соочува.

Поранешниот претседател уште еднаш изјави дека одбива да го прифати поразот од претседателските избори во 2020 година и повторно обвини дека изборите биле наместени.

„Го имавме тој ужасен, ужасен резултат што никогаш повеќе нема да дозволиме да се случи. Демократите го користеа КОВИД за да мамат. Никогаш нема да дозволиме тоа да се повтори“, кажува Трамп.

Кон крајот на собирот, Трамп се наврати на пукањето во Батлер велејќи дека секој момент што го има на земјата е дар од Бога, и го бакнуваше шлемот на пожарникарот кој го загуби својот живот за време на пукањето.

Говорот заврши со централното ветување за „Трампизам“ – односно дека ќе биде лесно да се подобри Америка за краток временски период.

„Никој никогаш нема да нè сопре. Едноставно кажано, многу брзо ќе ја направиме Америка повторно голема“, вети Трамп.