И април без приватни превозници во скопскиот јавен превоз, распишан нов повик

Од Градот Скопје денеска не излегоа со објаснување за причината поради која пропадна претходниот трет повик. Инаку, приватните превозници уште на почетокот на март најавија дека ќе се пријават на јавниот повик за доделување на линиите

Фото: Архива на Мета.мк

Градот Скопје по четврти пат распиша јавен оглас за доделување пакет линии и за давање дозволи за линиски превоз на патници во скопскиот јавен превоз. Ова е четврти јавен повик за повторно ангажирање на приватните превозници на градско-приградските линии, откако пропадна и мартовскиот повик.

Новиот јавен повик се однесува за вкупно 16 линии, односно за линиите со број 9, 11, 11А, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47А, 52, 54, 55, 61, 63 и 73. За одржување на овие линии приватните превозници ќе треба да обезбедат 115 автобуси и 245 возачи. Краен рок за поднесување на пријавите од страна на приватните автобуски превозници е 24 април, до 12 часот напладне.

Од Градот Скопје денеска не излегоа со објаснување за причината поради која пропадна претходниот трет повик. Инаку, приватните превозници уште на почетокот на март најавија дека ќе се пријават на јавниот повик за доделување на градско-приградските линии, посочувајќи дека очекуваат да почнат со работа уште во март годинава.

Линиите 9, 19, 22, 52, 61 и 63 од објавениот повик е предвидено да ги опслужуваат приватните превозници, заедно со Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ – Скопје. Отварањето на поднесените затворени пријави на четвртиот повик ќе се одржи на 27 април 2023 година.

Пакетите на градско-приградските линии од овој оглас се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.

Постапката за доделување на пакетите на линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје ќе ја спроведе Комисија формирана од градоначалничката Данела Арсовска.

Инаку, додека јавните повици во три наврати пропаѓаат, граѓаните на Скопје се оставени веќе петти месец со намален број на поаѓања на дел од градско-приградските линии кои претходно ги одржуваа приватните превозници. Наместо нив, ЈСП-Скопје во овие месеци ги одржува и линиите на кои порано сообраќаа приватните превозници од „Макекспрес“ и „Слобода превоз“, иако граѓаните се жалат за редуцираните поаѓања.