Хан доаѓа со европратеничката тројка да ја реши кризата

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, утре ќе допатува во Скопје, придружуван од тројцата европратеници, Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл, потврди за „Мета“, Маја Коцијанчич, портпаролката на еврокомесарот.

– Да, Хан ќе пристигне во придружба на тројцата европратеници – соопшти Коцијанчич.

Портпаролката на Хан, сепак, не прецизираше дали еврокомесарот и европратениците ќе имаат лидерска средба или, пак, ќе имаат одвоени средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА.

– Засега не се знае каков ќе биде форматот на средбите, но јасно е која е целта – рече Коцијанчич.

Хан, заедно со европратеничката тројка, ќе се обиде да ги заживее преговорите, кои се најдоа во ќор-сокак поради неможноста на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ да постигнат договор за преодна влада која ќе ги организира изборите.