Гугл: Иран се обиде да ги хакира кампањите на Трамп и Бајден-Харис

Технолошката компанија тврди дека иранските хакери добиле привремен пристап до мејлот на барем еден политички консултант од висок профил

Фото: Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0, Office of the President of the United States, Public domain, via Wikimedia Commons

Според нов извештај објавен од технолошката компанија Гугл, имало напори од ирански хакери да ги таргетираат кампањите на Трамп и Бајден-Харис во мај и јуни, како дел од поголема тековна операција на „фишинг“ напади, пренесува Ен-би-си.

Извештајот на Гугл беше објавен само неколку дена откако кампањата на Трамп соопшти дека била мета на хакерски напад од Иран.

Во извештајот стои дека Гугл успеал да спречи напад од „мала но континуирана“ фишинг операција, која била поврзана со Иранската револуционерна гарда, најважното крило на иранската армија.

„Беа таргетирани личните мејлови на околу десетина поединци поврзани со претседателот Бајден и со поранешниот претседател Трамп, како и сегашни и поранешни функционери во американската влада“, велат од Гугл.

Гугл рече дека во јули хакерската операција пристапила до „Gmail“ акаунтот на барем еден политички консултант од висок профил. Компанијата рече дека потоа ја обезбедила корисничката сметка и дека го префрлиле случајот на правосудството. Компанијата не го откри идентитетот на консултантот.

Дополнително, технолошката компанија Мајкрософт минатата недела соопшти дека Иранската револуционерна гарда добила пристап до мејлот на поранешен советник на претседателска кампања.

Претставник на Иран во Обединетите нации не одговорил на прашањата на Ен-би-си за нападите, а иранските државни медиуми ги отфрлаат обвинувањата за хакирање.

Иако ниедна од технолошките компании нема откриено која кампања била успешно хакирана, досега само тимот на Трамп има споменато хакерски напади, додека кампањата на Харис соопшти дека не е свесна за безбедносни проблеми во кампањата.