Груевски: Седницата беше затворена затоа што не сакав СДСМ да прават конфликти

Премиерот Никола Груевски, по сведочењето пред членовите на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, призна дека не побарал седницата да биде затворена поради класифицирани информации, туку за да не им дозволи на СДСМ да прават театар од сведочењето во комисијата.

– Денеска навреме дојдов да сведочам и да одговорам на сите прашања што ги имаат членовите на Анкетната комисија. Можам да кажам дека одговорив на сите прашања и тие едно време дури и снемаа прашања. Исто така, сакам да кажам дека барав седницата да биде затворена за јавноста затоа што СДСМ се способни само да прават конфликти и не сакав да им го овозоможам тоа. Сè што кажав на седницата е веќе досега споделено со јавноста – изјави Груевски.

Тој на неколку прашања на новинарите рече дека веќе ги одговорил тие прашања и ако сакаат уште еднаш да ги слушнат „да ја премотаат снимката“.

Исто така, Груевски не одговори на прашањето кога планира да поднесе оставка.

По сведочењето на премиерот, изјави дадоа и претседателот на комисијата, Петре Шилегов, и претставникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Шилегов рече дека целата седница била смешна, дека Груевски ја торпедирал комисијата, како и дека не открил ниту една класифицирана информација. Тој додаде и дека на Груевски не му требало мирна атмосфера за да одговара на прашањата, туку само сакал вистината да ја сокрие од граѓаните.

Милошоски, пак, рече дека премиерот одговорил на сите поставени прашања и дека седницата се одвивала во мирна атмосфера.