Грантот за Крива Паланка-Ранковце, за кој Николоски се заблагодарува, беше блокиран од ВМРО-ДПМНЕ

Идејата е на ВМРО-ДПМНЕ започната со заем од Светска банка од 2015 година, реализацијата ја започнал СДСМ вo 2018 година и после низа перипетии, годинава градбата требало да заврши до летово

Александар Николоски и Коце Трајановски. Фото: Принтскрин

Блокиран грант, па ветување за доизградба на пат со истиот тој грант – вака накратко може да се опише последната фаза од изградбата на експресен пат од Крива Паланка до Ранковце. Идејата е на ВМРО-ДПМНЕ започната со заем од Светска банка од 2015 година, реализацијата ја започнал СДСМ вo 2018 година и после низа перипетии, годинава градбата требало да заврши до летово. Но, меѓу другите проблеми што ја забавиле работата била и блокадата за гаранции за грант од 14 милиони евра што ја направиле од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието уште од јануари-февруари. Сега Николски се заблагодарува за грантот и вети завршување на патот во следните пет месеци, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Александар Николоски, потпретседател на Владата на РСМ и министер за транспорт и врски даде изјава во која се забележува недоследност:

Проектот е делумно финансиран со заем од Светска банка, пари што треба да ги вратиме, а делумно, се грант од околу 14 милиони евра. Сакам да се заблагодарам за грантот, сума што за држава како Македонија не е мала работа. Во однос на изведбата на патот, има проблеми со експропријација, има проблеми со изведба, но тоа е наша работа, јас кажав пред некое време, што ќе правиме – ќе правиме, работите ќе ги завршуваме. Мислам дека граѓаните од нас очекуваат решенија, а не образложенија и во следниот период ќе нудиме решенија и ќе ги завршуваме работите, рече Николоски

[Извор: Сител/веб – Експресниот пат… – датум: 23.07.2024]

 

Образложение:

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, надвор од севкупниот контекст за изградба на оваа делница од експресниот пат од Крива Паланка до Ранковце, каде вчера правеше увид, зборува логично и промислено на прв поглед, освен ако не се земе еден „мал“ детаљ од блиското минато, со што, неговата изјава добива призвук на недоследност.

Николоски е висок функционер на извршната власт од ВМРО-ДПМНЕ, а токму таа партија на два пати во блиското минато била повикувана од претходната власт да не го кочи грантот од 14 милиони евра за да се дозаврши патот до средината или барем до крајот на годинава.

Прв пат за тоа СДСМ апелирал на 26 февруари преку пратеничката Лидија Тасевска од Собранието, каде што се одвивала блокираната законодавната активност околу грантот, со што средствата не можеле да станат оперативни:

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ не го става на дневен ред на комисија Предлог на законот за гаранција по Договорот за заем за дополнително финансирање на проектот за надградба и развој на патишта.

Овој Закон е поднесен до Собранието уште во декември со изгласана потребата од негово носење.

ДПМНЕ на овој начин ја кочи реализацијата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка кој претставува значаен капитален проект за североистокот и за целата држава во целост.

ДПМНЕ бојкотираат грант во висина од 14 милиони евра обезбедени со овој пакет од Светска Банка, средства кои треба да се искористат за довршување на патот“…, изјавила меѓу другото Тасевска.

Предупредувањето од СДСМ го пренеле голем дел од медиуми во земјата, а реакција од ВМРО-ДПМНЕ не можевме да пронајдеме на соодветните датуми во февруари на нивниот веб сајт.

Неколку недели подоцна министерот за транспорт и врски во тогашната влада кој што е од СДСМ Благој Бочварски е во обиколка на градежните активности заедно со министерот за земјоделство Љупчо Николовски и техничкиот премиер Талат Џафери, при што изјави:

За да го завршиме патот навреме упатувам јавно апел до сите пратеници да го изгласаат, бидејќи овој пат не е за политичките партии, овој пат не е за политичарите, овој пат е за сите граѓани – вели Бочварски.

Љупчо Николовски од своја страна изјави:

Колку што се радуваме и очекуваме што побргу овој проект да заврши, толку се чудам зошто, на крајот, пред самото завршување со реализацијата на овој капитален проект од над 100 милиони евра, како дел од Коридорот 8, се наидува на една блокада од Собранието, односно од комисијата за финасирање и не се дозволува да истиот се заврши. Овој проект е интерес на граѓаните, на североистокот и веднаш треба да се донесе законот со кој се овозможуваат 14 милиони евра, грант за финализирање на овој проект.

Како што може да се види ВМРО-ДПМНЕ ја блокирала процедурата за овој грант од 14 милиони евра за кој сега Николоски се заблагодарува пред јавноста. Впрочем за ова реагираа од СДСМ, потсетувајќи и за блокадата на ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од градежните активности во март 2024 изведвани од австриската компаниа Штрабаг. Фото: Влада на РСМ/скриншот

Дека можеби блокадата не била случајна зборува и фактот што недоизградената делница влегла и во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ Платформа 1198 за парламентарните избори 2024 година:

Изградба на делницата од Страцин (Чатал) до Длабочица како дел од експресниот пат A2, од Ранковце до Крива Паланка од патниот коридор 8 кон Република Бугарија. Рокот за изработка на проект е до крајот на 2026 година – пишува на стр. 67 од Платформа 1198.

Од се погоре, сигурно е дека изградбата на оваа делница ветувана уште во 2016 година од ВМРО-ДПМНЕ, започната во времето на владеењето на СДСМ во 2018 година, повторно ветувана од ВМРО-ДПМНЕ во 2017 и во 2020 година, трпела и други проблеми при изведбата, вклучувајќи и проблеми со експропријација, како што вели Александар Николоски. Но, во целата изјава, најмалку неговото заблагодарување за грантот од 14 милиони евра е недоследно, бидејќи фактите говорат оти тоа го правела партијата ВМРО-ДПМНЕ преку нејзиниот тогашен претседател на парламентарната Комисија за финансирање и Буџет, Бојан Стојановски.

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски