Градот Скопје ќе ги донира парите од новогодишната прослава на пунктот за бездомници

Средствата планирани за новогодишната прослава во износ од 2 милиони денари Град Скопје ќе ги донира за проширување на капацитет на Прифатилиштето за бездомни лица лоциран на Момин Поток.

– Имаме нов проект од Црвен крст за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица, односно за уште еден контејнер со 16 легла и повеќе туш-кабини и јас на следната седница на Советот на Град Скопје ќе предложам средствата во износ од 2 милиони денари кои беа предвидени за новогодишната прослава во градот да ги намениме за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица во пунктот во Момин Поток – истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Пунктот за бездомници на Црвен крст на Град Скопје е отворен во 2008 година и во текот на работната недела работи во понеделниците кога бездомниците добиваат хигиенски услуги и секој петок кога добиваат и чисти алишта, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог, оброк и топол напиток.

Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка на Град Скопје, и годинава од 30 декември 2016 година, поради екстремно ниската температура им понуди 24-часовно згрижување на бездомниците.