Германските банки не се доволно профитабилни

Бундесбанк смета дека германските банки треба да го адаптираат својот бизнис модел за да станат профитабилни

Германските банки не се доволно профитабилни во споредба со банките во другите европски земји, поради што мора да разгледуваат други деловни модели, порачува германската „Бундесбанк“.

– Банките мора да се профитабилни, што важи и за германските банки. Нивната добивка од активата и од вложениот капитал е релативно ниска во спредба со ситуацијата во другите членки на еврозоната – вели Андреас Домбрет, член на управниот одбор на „Бундесбанк“.

Домбрет на банкарскиот конгрес изјави дека главна причина за тоа е фактот што германските банки се релативно зависни од приходите од камати.

– Таков бизнис-модел претставува голем ризик во актуелното опкружување со ниски каматни стапки – рече Домбрет, потсетувајќи дека во првата половина на годинава, профитот од работењето на големите германски банки беше за околу осум отсто во споредба со истиот период минатата година.

Како решение за проблемот со германските банки, Домбрет го предлага разгледувањето на нивните бизнис-модели и диверзификацијата на нивните извори на приходи.