Алта банка, на која Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа, и чија фирма-ќерка во Македонија беше преземена од НБРМ, имала значајна улога во трансферите на пари на руски граѓани и компании по руската инвазија врз Украина во 2022 година, пишува „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на извори запознаени со работењето на банката. Според весникот, затворањето оставило дел од клиентите без пристап до нивните заштеди, а српските институции ги проверуваат одливите на средства кон странство.

Српски функционери за ФТ изјавиле дека во деновите по изборниот пораз на Александар Вучиќ, клиентите на Алта банка повлекувале големи суми и префрлувале значителни средства надвор од земјата. Во текстот не се наведени конкретните износи и дестинациите на тие трансфери.

Народната банка на Србија, во официјалното образложение за одземањето на дозволата, наведе значително влошување на финансиската состојба на банката и ризик од натамошно нарушување на ликвидноста со што биле загрозени интересите на депонентите.

Според соговорниците на ФТ, Алта банка била меѓу ретките банки во Србија што прифаќале да работат и со руски физички лица и со руски компании. Депозитите на нејзините клиенти до крајот на минатата година пораснале повеќе од петпати во споредба со периодот пред војната.

Весникот наведува дека матичната групација претходно била предмет на проверки од Европската централна банка поради сомнежи за перење пари. Во тие проверки биле поставени прашања дали групацијата може да го потврди законското потекло на депозитите.

Од Алта банка, во одговор за ФТ, нагласиле дека постапката на ЕЦБ била затворена минатата година и дека ниту ЕЦБ ниту друг надлежен орган не утврдиле одговорност на групацијата или на нејзините компании за незаконско постапување.

Финансиска консултантка со која разговарал весникот опишала вознемирени клиенти што во банката ги чувале сите семејни заштеди. Меѓу нив имало и лице што неодамна депонирало 300.000 евра од продажба на стан во Русија. Српскиот систем за осигурување депозити покрива до 50.000 евра по депонент, наведува ФТ.

Сопственикот на Алта пеј, Давор Мацура, кој денеска беше приведен, ги отфрлил наводите дека се обидувал да ја напушти Србија. ФТ, повикувајќи се на извори запознаени со случајот, пишува дека по изборите тој се обидел да замине во Москва.

Мацура за весникот изјавил дека од саботата одговара на полициски прашања во седиштето на банката во Белград. Тој ги обвинил регулаторот и политичките власти дека располагале со механизми да ја стабилизираат банката, но наместо тоа избрале да ја затворат среде повлекување на депозитите.

Српското обвинителство за организиран криминал веќе побара проверки на работењето на Алта банка и на постапувањето на одговорни лица во Народната банка на Србија во врска со евентуалните одливи и трансфери кон странство. На 31 октомври примило и кривична пријава од централната банка против Алта и повеќе нејзини одговорни лица, објави Н1.

Случувањата во Србија веќе доведоа до мерки и во Македонија. Народната банка на 1 ноември воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола и неделен лимит за одлив од сметките на граѓаните од 10.000 денари. На белградскиот акционер му се одзема правото на глас, а гувернерот Трајко Славески најави постапка за продажба на неговите акции.

Славески вчера тврдеше дека, според расположливите информации, од почетокот на кризата немало приливи во Македонија какви што биле споменувани во јавноста. Тој рече дека битолската банка останува ликвидна и капитализирана, а администрацијата и ограничувањата ги образложи со заштита на нејзиниот имот и на интересите на штедачите.

НБРМ времено ќе управува со Алта банка Битола, ограничен пристапот до парите, се бара нов купувач

Филипче: Како 11.000 пензионери ќе ги добијат пензиите преку Алта банка ако експозитурите се затворени?