Претседателот на СДСМ Венко Филипче, го повика гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, да одговори како 11.000 пензионери кои примаат пензии преку Алта банка ќе дојдат до своите пари ако експозитурите се затворени, а платежните картички и банкоматите не функционираат. Тој најави иницијатива за надзорна расправа во Собранието и интерпелација за гувернерот.

На прес-конференција Филипче обвини дека премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Славески ги оставиле граѓаните во неизвесност, без јасни одговори за тоа како ќе располагаат со своите пари. Според Филипче, иако гувернерот вчера најавил дека граѓаните ќе можат да повлекуваат околу 150 евра неделно, денеска експозитурите на банката не работат, а клиентите не можат да ги користат ниту платежните картички.

„Како граѓаните ќе си ги повлечат парите? Како пензионерите ќе стигнат до пензиите? Како ќе стигнат семејствата? Како ќе стигнат работниците? Како ќе ги издржуваат сега семејствата илјадници луѓе кои не можат ниту од експозитурите што се затворени, ниту од картичките што не им работат да стигнат до своите средства? Загрозена е егзистенцијата на овие наши граѓани“, кажа Филипче.

Тој посочи дека неизвесноста посебно ги погодува граѓаните кои со години ги чувале своите заштеди во поранешната Стопанска банка Битола, а сега се клиенти на Алта банка.

„Гувернерот повика граѓаните редовно да ги исполнуваат своите кредитни обврски. Неприфатливо од нив да се бара да ги отплаќаат кредитите ако немаат пристап до сопствените средства. Со кои пари луѓето да враќаат кредити? Што ако чекаат пари од банката за да ја уплатат ратата за кредитот?  Единаесет илјади пензионери земаат пензија преку Алта банка“, рече Филипче.

Тој најави дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе побара одржување надзорна расправа во Собранието, на која ќе се разгледуваат околностите што довеле до актуелната состојба со банката.

„Ќе покренеме иницијатива за одржување надзорна расправа за овој проблем, да видиме како се дојде до оваа ситуација, и ќе поднесеме интерпелација за гувернерот Трајко Славески“, изјави Филипче.