Реформите во образованието, недостигот на критичко мислење кај младите и сè поголемата употреба на вештачката интелигенција беа во фокусот на дискусијата за медиумската писменост, во која што експерти од образованието, медиумите и граѓанското општество побараа поголема институционална соработка и приспособување на образовните програми кон технолошкиот развој. Ова се прашањата кои беа дискутирани на панелот насловен „Од дијалог до акција: Поврзување на образованието, политиките и практиката за зголемување на нивото на медиумска писменост“ во рамките на Деновите на медиумска писменост 2026, заедно со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на кој учествува и Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија, Националниот младински совет на Македонија, Лице в лице, Фондацијата „Метаморфозис“, во соработка со нивната партнерска организација Иновативни медиуми, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Центарот за ресурси за родители на деца со посебни потреби, пишува Порталб.мк.
Учесниците нагласија дека покрај брзиот развој на вештачката интелигенција образовниот систем мора да го смени начинот на кој ги подготвува новите генерации, а институциите треба да создадат политики и механизми за одговорна употреба на технологијата. Универзитетската професорка Јасна Бачовска оценува дека медиумската писменост треба да има поважно место и на универзитетите, посебно во новинарските програми. Таа вели дека новиот предизвик за образованието, а посебно универзитетското, и за медиумите е вештачката интелигенција, чија употреба се зголемува брзо и во производството на медиумските содржини.
Таа истакна дека потребна е подготовка на нови студиски програми кои ќе одговорат на технолошките развојни трендови, но и поголема соработка со новинарите во однос на практиката, со цел студентите да се подготват за реалните предизвици на професијата.
„На универзитетите мораме да имаме и предмети за медиумска писменост. Сега голем предизвик е и вештачката интелигенција. Не чека многу работа и мораме да ги решиме проблематиките во јавната сфера и во високото образование, кое мора да се приспособи на пазарот на труд“, рече Бачовска.
Таа истакна дека употребата на вештачката интелигенција во новинарството мора да оди заедно со одговорноста и почитувањето на етичкиот кодекс. Таа смета дека важно е универзитетите да ги следат практиките на европските земји, начинот на кој ги креираат и акредитираат студиските програми, како и очекувањата што ги имаат кон студентите.
Бачовска изрази загриженост и за недостигот на обуки во училиштата, каде што учениците не учат како корисно и критички да ја користат вештачката интелигенција. Таа исто така побара поголема соработка со Министерството за образование и наука, како и вклучување на граѓанскиот сектор во подобрување на образовните програми.
Од друга страна, Билјана Бејкова од организацијата НВО Инфоцентар, го стави проблемот со медиумската писменост во еден поширок контекст, нагласувајќи дека тешкотиите во оваа област се поврзани и со основните недостатоци на образовниот систем.
Таа изрази загриженост за резултатите на учениците во математика, читање и разбирање на текстови, оценувајќи дека медиумската писменост не може да се развива одвоено од основните знаења и граѓанското формирање.
„Децата денес знаат да го користат телефонот и компјутерот, но не знаат каде живеат, кои се човековите права, родовата еднаквост, моќта на власта и демократијата. Имаме образовен систем кој мора да се реформира. Не можеме да формираме луѓе кои имаат критичко мислење и интегритет ако не ги научиме да не го прифаќаат автоматски авторитетот, туку да прашуваат и да анализираат“, рече Бејкова.
Според неа постои ризик општеството да се фокусира на дигиталната и медиумската писменост без претходно да ги третира основните економски, политички и граѓански знаења. Таа побара напредок во правната рамка, изработка на национална стратегија и зајакнување на соработката меѓу институциите и организациите што работат во оваа област.
Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ истакна дека покрај реформите во образованието потребно е и усогласување на домашната законодавна рамка со регулаторните рамки на Европската Унија за дигиталните услуги и пазари, како и за функционирањето на вештачката интелигенција.
Тој оцени дека земјата треба да развие поширока јавна дебата за влијанието што го имаат алгоритмите и вештачката интелигенција врз секојдневниот живот, посебно кај децата и младите.
„Ни недостасува јавна дебата за да разбереме до кое ниво стигнала вештачката интелигенција и колку е навлезена во секојдневниот живот на децата и на сите други. Кои се тие што носат одлуки и како го перцепираат животот и влијанието на овие технолошки алатки?“, рече Стојановски.
Тој изрази загриженост и за демотивираноста на младите да учествуваат во процесите на носење одлуки, нагласувајќи дека многумина од нив стануваат полнолетни без доволно знаење за тоа како функционира државата и институциите.
Друг проблем што тој го истакна е и употребата на вештачката интелигенција во наставниот процес. Според него учениците сè почесто ги подготвуваат домашните задачи преку овие алатки, а потоа само ги репродуцираат содржините без да ги анализираат истите.
На крај Стојановски ја поврза дискусијата и со потребата од регулирање на дигиталните платформи, спречување на говорот на омраза и заштита на корисниците. Тој ги спомена и ограничувањата кои некои платформи за вештачка интелигенција ги поставуваат при генерирањето сатирични содржини за јавни личности, отворајќи така дилеми за односот меѓу технолошката регулација и слободата на говорот.
