Фестивалот „Синедејс“ беше затворен со филм на Вуди Ален и доделување награди

Жиријата на „Синедејс“ на прогласувањето на победниците на фестивалот во паркот зад МКЦ во Скопје, 17.07.2024. г. Фото: Мета.мк.

Пред полното гледалиште во паркот на МКЦ, со македонската премира на филмот „Неочекувана среќа“ на Вуди Ален синоќа беше затворен 23-от Меѓународен фестивал на европски филм – „Синедејс“ (Cinedays).

Со драстично намален буџет, наспроти големите финансиски и организациски пречки, под слоганот „Викај ура“ фестивалот обезбеди пристап до врвни актуелни филмски остварувања за повеќе од 4000 граѓани во периодот од 11. до 17. јули.

На завршната вечер беа доделени и награди за филмовите во две официјални конкуренции „Официјална селекција“ и селекцијата ЈИЕ (Југоисточна Европа).

Во официјалната селекција жирито го сочинуваа Горјан Атанасов, филмски и тв монтажер, Ивица Димитријевиќ, актер и режисер, Мина Ѓукиќ, режисерка, Рохан Бери Крикмар, филмски продуцент и фестивалски селектор и Гентиан Кочи, филмски режисер. Тие ја доделија првата награда „Златна ѕвезда” на израелскиот филм „Градот“ во режија на Амит Улман. Наградата ја доби израелски режисер Ноа Дебре и неговиот филм „Последните Евреи“, додека третата за најдобро сценарио, ја доби научнофантастичниот „Ширкоа: Утопија на лагите“ на индискиот аниматор Ишан Шукла.

Проекцијата на филмот „Интернат“ (тур. Yurt) на „Синедејс“ во паркот зад МКЦ во Скопје. Фото: Мета.мк.

Во  селекцијата за Југоисточна Европа, жирито составен од продуцентката Марија Димитрова, режисерот Андреас Јонсен и кинематограферката Бојана Андриќ, за најдобар филм го прогласи „Интернат“ (или на турски „Јурт“) во режија на Нехир Туна. Овој автобиографски филм за растење во религиозна инстититуција е турско-германско-француска копродукција. Ова жири додели и специјално признание на филмот „78 дена“ во режија на Емилија Гашиќ.

На фестивалот вон конкуренција беа прикажани низа актуелни филмови меѓу кои и иранскот  „Семето на светата смоква“ на Мохамад Расулов. Режисерот годинава беше ѕвезда на Фестивалот во Кан, по неговото возбудливо бегство од родната земја каде освен цензура му се заканува и затвор, затоа што бескомпромисно ја обработува темата на протестите за човекови права по убиството на Махса Амини, при што користи и забранети снимки направени од учесниците во тие настани. Филмот имаше номинација за „Златна палма“, а доби специјална награда.