Европската комисија сака да ја повлече од оптек банкнотата од 500 евра

Европската комисија работи на тоа од употреба да се исфрли банкнотата од 500 евра, а со тоа би можела да се согласи и Европската централна банка (ЕЦБ), пишува „Фајненшал тајмс“.

Станува збор за банкнота за која многу од жителите на еврозната велат дека не постои затоа што никогаш не ја виделе.

Таа се појави по примерот на банкнота со слична вредност која постоеше пред воведувањето на еврото, односно 1.000 германски марки.

Европската комисија би ја тргнала оваа банкнота бидејќи полициските истраги во повеќе земја покажуваат дека нејзе најмногу ја користат криминалците, а неодамнешните истраги по нападите во Париз потврдиле дека е омилена меѓу терористите.

Поради ова во европската полиција Европол веруваат дека отстранувањето на таа банкнота е прв чекор во борбата против криминалот, особено тероризмот.