Европската алијанса на новински агенции задутре ќе гласа за исфрлање на руската ТАСС

Според статутот на ЕАНА, за да се исклучи членка, потребни се три четвртини од гласовите на учесниците на Генералното собрание. Сега во ЕАНА членуваат и активно учествуваат 32 европски новински агенции

Интервју на Путин за новинската агенција ТАСС, 2020 / Фото: www.kremlin.ru

На своето годишно Генерално собрание во Париз задутре, Европската алијанса на новински агенции (ЕАНА) ќе гласа за исфрлање на руската државна новинска агенција ТАСС од своите редови, јави украинската државна новинска агенција Ukrinform.net.

Според статутот на ЕАНА, за да се исклучи членка, потребни се три четвртини од гласовите на учесниците на Генералното собрание. Сега во ЕАНА членуваат и активно учествуваат 32 европски новински агенции.

На 27 февруари минатата година, само три дена од почетокот на руската инвазија на Украина, на состанок свикан поради иницијативата на полската новинска агенција ПАП, Одборот, односно раководното тело на ЕАНА, го суспендираше членството на ТАСС. Во средината на мај, односно отприлика два и пол месеци по одлуката на Одборот, таа беше потврдена на вонредното Генерално собрание што се одржа во Сараево. Но, тогаш немаше доволно гласови, односно три четвртини од вкупно присутните за да се изгласа и исфрлање на ТАСС од ЕАНА.

Сега гласањето за исфрлање на руската државна новинска агенција е ставено во програмата за Генералното собрание задутре на барање на украинската новинска агенција, која вели дека останувањето на руската агенција во ЕАНА се коси со членовите на Статутот на ЕАНА.

„Бројката на гласови на Генералното собрание ќе ја покажат готовноста на водечките европски новински агенции, членки на Алијансата, да заземат цврст став против пропагандата и дезинформациите што Русија масивно ги произведува, којашто, пак, по една и пол година целосна војна, ги отстрани сите слободни медиуми и преостанатите ги направи оружја“, вели Олександр Харченко, генерален директор на „Укринформ“.