Жители на Кабул се подготвуваат да го напуштат главниот град на Авганистан. Фото: Скриншот од видео

Министрите за надворешни работи од ЕУ ќе се соберат на итен виртуелен состанок денеска за да дискутираат за безбедносната состојба и миграциите, во време кога во Европа се засилуваат стравувањата од нов бран бегалци од Авганистан, откако Талибанците ја презедоа власта врз државата, пишува „ЕУобсервер“.

Неколку членки на ЕУ се загрижени дека доаѓањето на власт на Талибанците ќе предизвика реприза на 2015-16 година, кога во ЕУ влегоа повеќе од милион баратели на азил во период од само неколку месеци. Додека водачите на ЕУ се под притисок да примат Авганистанци што очајнички сакаат да избегаат од земјата, истовремено тие се и подисплашени да не бидат сфатени дека го поттикнуваат напуштањето на Авганистан, коментира „ЕУобсервер“.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчеравечер рече дека ЕУ ќе воспостави иницијатива за да се сузбијат големи напливи на мигранти од Авганистан, со дејствување против групите што шверцуваат мигранти што би можеле да се појават.

Макрон го повика Советот за безбедност на ОН да изнајдат „разумен и унифициран“ одговор и кажа дека разговарал и со премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, со кого ќе договорат заеднички иницијативи.

Во Германија, канцеларката Ангела Меркел даде изјава за медиумите вчеравечер дека Авганистан е „крајно горчлив развој на ситуацијата“.

„Горчлив, драматичен, ужасен – се разбира, посебно за луѓето во Авганистан. Сите ние направивме погрешна проценка“ рече Меркел, додавајќи дека ќе биде неопходен ЕУ самит да се дискутира за ситуацијата.

Австрија, пак, инсистира на депортирање на неуспешни баратели на азил назад во Авганистан. Вчера официјална Виена предложи воспоставување „депортациски центри“ во соседните земји, како една од алтернативите, пишува „ЕУобсервер“.